Видео за врските на Трамп со Епстајн проектирано на зграда во Вашингтон

Во пресрет на вечерата на дописниците на Белата куќа, на зграда во Вашингтон била проектирана снимка со фотографии и документи поврзани со Доналд Трамп и Џефри Епстајн.

Во Вашингтон, во пресрет на годишната вечера на дописниците на Белата куќа, на зграда во близина на хотелот „Вашингтон Хилтон“ била проектирана видеоснимка што ги истакнува врските на Доналд Трамп со Џефри Епстајн, пишува „Ле Паризиен“.

Снимката, која била објавена и на социјалната мрежа „Икс“, прикажува монтажа од фотографии и стари видеоматеријали на Трамп во друштво на Епстајн. Проекцијата траела речиси две минути и била прикажана на зграда недалеку од хотелот каде традиционално се одржува вечерата на дописниците на Белата куќа. Слична проекција со фотографии и документи поврзани со Трамп и Епстајн беше објавена и од „Ројтерс“ во видео од Вашингтон.

Во видеото, според објавените информации, биле прикажани и делови од таканаречените „Епстајнови списи“, кои во голем дел се редактирани, согласно практиката на американското Министерство за правда.

Меѓу истакнатите делови се појавуваат материјали што укажуваат на блискост меѓу двајцата, како и електронска порака во која Епстајн за Трамп пишува: „Сакам да разберете дека Трамп е куче што не лае“. Во друга преписка, меѓу Епстајн и американскиот новинар и писател Мајкл Волф, познат по критичката книга „Оган и бес“ за првиот мандат на Трамп, стои реченицата: „Секако дека знаеше за девојките“.

Објавата што го придружува видеото наведува дека пораката е проектирана „во чест на викендот на дописниците на Белата куќа“ и дека има цел да го осветли односот меѓу Трамп и Епстајн пред вечерата на која треба да присуствува американскиот претседател.

Доналд и Меланија Трамп досега ги отфрлале сите наводи за несоодветни дејствија поврзани со аферата Епстајн. Против нив не се поднесени официјални обвиненија, ниту се водат истраги во врска со случајот.

Меланија Трамп неодамна демантираше каква било поврзаност со Епстајн и неговата соработничка Гислејн Максвел, наведувајќи дека Епстајн го познавала само како лице од општествените кругови во Њујорк и Палм Бич.

Прашањето за „Епстајновите списи“ веќе подолго време е политички товар за Трамп. „Њујорк тајмс“ во февруари објави дека името на Трамп, неговата сопруга Меланија или имотот Мар-а-Лаго се спомнуваат повеќе од 38.000 пати во документите објавени од американското Министерство за правда.

Документите се објавуваат постепено и во голема мера се редактирани, што предизвика реакции кај дел од жртвите на Епстајн. Тие тврдат дека затемнетите делови не го штитат само нивниот идентитет, туку и идентитетот на соработници на осудениот сексуален престапник.

Во таква атмосфера, Трамп треба да присуствува на вечерата во „Вашингтон Хилтон“. Тој досега го бојкотираше настанот, кој се организира од 1920-тите години, за разлика од повеќето негови претходници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни