Почина Строб Талбот, еден од креаторите на американската политика кон Балканот во 90-тите години

Поранешниот заменик-државен секретар на САД во администрацијата на Бил Клинтон почина на 80-годишна возраст. Учествувал во преговорите со кои во 1999 година беше ставен крај на војната на Косово, како и во процесите поврзани со Кумановскиот договор и Резолуцијата 1244 на Обединетите нации.

Поранешниот новинар на магазинот „Тајм“ и поранешен заменик-државен секретар на САД, Строб Талбот, почина на 80-годишна возраст, по долго боледување, во својот дом во Ист Хемптон, во американската сојузна држава Њујорк. Веста ја соопштил неговиот син Девин Талбот.

Талбот починал во четвртокот. За време на администрацијата на американскиот претседател Бил Клинтон ја извршувал функцијата заменик-државен секретар, а подоцна бил на чело на Институтот Брукингс, пренесува „Политико“.

„Строб беше добар и исклучително интелигентен човек, кој придонесе нашиот свет да биде помирен и побезбеден“, изјави Клинтон по повод неговата смрт.

Од новинар во „Тајм“ до висок функционер во Стејт департментот

Талбот студирал на универзитетите Јејл и Оксфорд, каде што делел соба со Бил Клинтон. За време на студиите на британскиот универзитет, по практикантската работа во редакцијата на магазинот „Тајм“ во Москва, добил задача да помогне во преведувањето на протечените мемоари на Никита Хрушчов, поранешен прв секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, кој беше сменет од функцијата во 1964 година. Талбот ја прифатил задачата, што му донело рана професионална афирмација, но и вработување во магазинот.

Во „Тајм“ поминал 21 година, следејќи ги советско-американските односи и извршувајќи различни функции, меѓу кои шеф на дописништвото во Вашингтон и колумнист за надворешна политика. Потоа добил повик од новоизбраниот претседател Бил Клинтон, се наведува во неговата биографија објавена на веб-страницата на американскиот Стејт департмент. Талбот му се приклучил на Стејт департментот во 1994 година, а набргу потоа станал заменик-државен секретар.

Еден од креаторите на американската политика кон Балканот

На оваа функција бил еден од архитектите на пристапот на администрацијата на Клинтон кон Русија и другите поранешни советски републики. Ги предводел и преговорите меѓу САД и Индија по индиските нуклеарни тестирања во 1998 година. Како заменик-државен секретар, Талбот бил и еден од креаторите на таканаречените Бонски овластувања на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина. Заедно со Виктор Черномирдин и Марти Ахтисари учествувал во преговорите со кои во 1999 година беше ставен крај на војната на Косово.

Бил вклучен и во процесите што доведоа до потпишувањето на Кумановскиот договор и усвојувањето на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.

На чело на Институтот Брукингс до 2017 година

Од 2002 до 2017 година Талбот бил претседател на Институтот Брукингс. Во тој период претседавал и со Советодавниот одбор за надворешна политика на американскиот Стејт департмент. Автор е на повеќе од десет книги. Неговата последна книга, со наслов „Предупредување од нашите основачи: Доба на разумот се среќава со добата на Трамп“, била објавена во 2020 година, пренесува Танјуг.


Талбот е роден во 1946 година во Дејтон, во американската сојузна држава Охајо. Зад себе ги оставил синовите Девин и Ејдријан и шест внуци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс