Американскиот претседател Доналд Трамп побара телевизиските компании Disney и ABC веднаш да го отпуштат Џими Кимел, откако комичарот во својата емисија се пошегува на сметка на првата дама Меланија Трамп.
Трамп реагираше на „Трут сошал“, каде што го нарече Кимел „неуспешен комичар“ и оцени дека неговата изјава била „шокантна“.
„Џими Кимел, кој на никаков начин не е смешен, што го потврдува неговата ужасна телевизиска гледаност, даде изјава во својата емисија која е навистина шокантна“, напиша Трамп.
Според американскиот претседател, Кимел прикажал лажно видео од Меланија Трамп и нивниот син Барон, како да седат во студиото и го слушаат неговиот монолог.
Трамп потоа ја цитираше шегата на Кимел, во која комичарот ја поздравува Меланија и вели дека има „сјај како идна вдовица“.
Американскиот претседател ја поврза шегата со инцидентот што се случи следниот ден на вечерата на дописниците на Белата куќа, кога вооружен маж се обидел да се доближи до салата каде што се одржувал настанот.
„Ден подоцна, лудак се обиде да влезе во салата на вечерата на дописниците на Белата куќа, вооружен со пушка, пиштол и многу ножеви“, напиша Трамп, тврдејќи дека напаѓачот бил таму „од многу очигледна и злокобна причина“.
Кимел во својата емисија ја пародирал вечерата на дописниците на Белата куќа и прикажал монтирана снимка од Меланија Трамп и Барон, како да се присутни во студиото. Трамп тврди дека тие не биле таму и дека никогаш не би присуствувале на таков начин.
Меланија Трамп претходно исто така го критикуваше Кимел, оценувајќи дека неговите изјави биле „омразни и насилни“. Таа повика ABC да реагира на, како што рече, „неприфатливото однесување“.
На вечерата на дописниците на Белата куќа во саботата дошло до пукање, но Трамп и Меланија не биле повредени. Според објавените информации, осомничениот Кол Томас Ален бил совладан во близина на скалите што водат кон салата каде што се одржувала вечерата.
Во својата објава, Трамп им се заблагодари на луѓето кои, како што рече, се гневни поради „одвратниот повик на насилство“ од Кимел.
„Обично не би реагирал на ништо што тој кажал, но ова е далеку над границите. Џими Кимел треба веднаш да биде отпуштен од Disney и ABC“, порача Трамп.