Ќе ги отвори ли Трамп документите за врската на Саудиска Арабија со 11 септември?

Семејствата на жртвите од нападите бараат Ријад да престане со лагите, додека Белата куќа најавува преглед на барањето за деверзификација.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го разгледа барањето на семејствата на загинатите од 11 септември за декласификација на доверливите документи поврзани со Саудиска Арабија. Барањето повторно го актуелизираа роднините на жртвите за време на одбележувањето на годишнината во Њујорк, обвинувајќи ги претходните американски администрации дека ги штителе интересите на Ријад наместо вистината за најголемиот терористички напад на американска почва.

Претседателот Трамп ја даде изјавата непосредно пред влегувањето во претседателскиот авион „Air Force One“ при враќањето од посетата на Ирска. На директно прашање од новинарите за барањето на семејствата, тој наведе дека е запознаен со иницијативата покрената деновиве и вети дека детално ќе ја проучи штом слета во Вашингтон.

Ова прашање со години претставува дипломатски и правен јазол меѓу Вашингтон и саудиските власти. Вкупно 15 од 19-те киднапери на авионите беа државјани на Саудиска Арабија. Иако официјален Ријад постојано отфрла каква било државна вмешаност, правните застапници на семејствата тврдат дека владини структури и верски екстремисти во земјата им пружиле логистичка помош на терористите.

Притисокот врз американските власти кулминираше за време на комеморацијата во Њујорк, каде што семејствата отворено го повикаа Трамп да преземе решителен чекор. Тери Страда, чиј сопруг Том загина во нападите врз кулите близначки, порача дека американските претседатели со децении избирале дипломатско заштитништво наместо целосна транспарентност за семејствата.

Семејствата на настраданите водат долг судски спор со цел да се утврди точниот степен на поддршка што напаѓачите ја добивале од саудиски поединци и официјални лица пред септември 2001 година. Според нив, единствениот начин за вистинска правда е целосно симнување на ознаката за тајност од сите владини извештаи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс