Американскиот претседател Доналд Трамп од крајот на март најмалку 37 пати изјавил дека договор со Иран е на повидок или дека Техеран е подготвен за спогодба, но досега таков договор не е постигнат, пренесува анализа на CNN. И покрај повторените најави дека преговорите се во завршна фаза, реален напредок сè уште нема, а претходните рокови што ги споменувал Трамп – од неколку дена до неколку недели – не се оствариле.
Неговите изјави за „неизбежен договор“ започнале кон крајот на март, кога тврдел дека клучните точки веќе се договорени, иако од иранска страна тогаш било демантирано дека воопшто постојат формални преговори.
Во текот на април и мај, Трамп повеќепати повторувал дека договорот е „многу блиску“, дека Иран „очајно сака спогодба“ и дека се очекува финализација „во рок од неколку дена“. Сепак, секое ново предвидување било проследено со продолжување на статус-квото.
Во еден момент тој дури изјавил дека Иран „прифатил сè“, но тие тврдења биле демантирани од Техеран. Анализата укажува дека и покрај оптимистичките пораки од Вашингтон, процесот останува без конкретен исход, додека тензиите меѓу САД и Иран и понатаму се високи.
Последните изјави на Трамп повторно најавуваат „брзо решение“, но досегашниот тек на настаните покажува дека преговорите се далеку од финален договор.