Во рамки на манифестацијата „Скопско лето“, вечерва во 20:30 часот во Музејот на град Скопје ќе биде отворена мултимедијалната изложба „Трага во времето“, посветена на десетгодишниот развој на Националниот џез оркестар.
Изложбата претставува емотивно и документарно сведоштво за музичката визија, посветеноста и заедничкиот пат на оркестарот, кој во изминатата деценија изгради препознатлив идентитет на домашната и меѓународната џез-сцена.
Преку автентични фотографии, архивски материјали и лични приказни, посетителите ќе можат да проследат дел од најзначајните моменти, концертни настапи и творечки процеси што го одбележале развојот на ансамблот.
Во поставката се претставени фотографии од Татјана Ранташа и Маја Аргакијева, кои преку своите објективи ги документирале највпечатливите моменти од работата на оркестарот. Влезот на изложбата е слободен за сите посетители.