Топлотниот бран однесе најмалку 1.000 животи во Франција, здравствените власти предупредуваат дека бројката ќе расте

Франција регистрираше најмалку 1.000 дополнителни смртни случаи за време на рекордниот топлотен бран. Најпогодени се лицата над 65 години, а властите предупредуваат дека последиците од жештините сè уште не се завршени.

Франција регистрираше околу 1.000 дополнителни смртни случаи за време на рекордниот топлотен бран што ја зафати Европа, соопшти француската агенција за јавно здравје. Според прелиминарните податоци, најголем дел од жртвите се лица постари од 65 години, но здравствените власти предупредуваат дека конечниот биланс најверојатно ќе биде значително повисок.

Причината е што сè уште не се обработени сите податоци од домовите за стари лица и приватните домаќинства, каде што се очекува да бидат регистрирани дополнителни смртни случаи.

Последиците од жештините допрва ќе се чувствуваат

Европа изминативе денови се соочува со еден од најекстремните топлотни бранови досега, кој предизвика рекордно високи температури, прекини во снабдувањето со електрична енергија, оштетувања на инфраструктурата и десетици жртви во повеќе земји.

Научниците оценуваат дека топлотниот бран, кој започна на 20 јуни, е најсилниот досега забележан на европскиот континент, кој се загрева побрзо од светскиот просек.

Иако екстремните температури постепено се повлекуваат кон источниот дел на Европа, делови од североисточна Франција и понатаму остануваат под метеоролошки предупредувања.

Француската министерка за здравство, Стефани Рист, предупреди дека здравствените последици од екстремните горештини можат да траат и до десет дена по намалувањето на температурите, нагласувајќи дека кризата сè уште не е завршена и дека високите температури претставуваат ризик за сите граѓани, а особено за повозрасните и хронично болните лица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс