Search

ТОП 10 НОВОГОДИШНИ ЖЕЛБИ

Велат, здравиот има илјада желби, а болниот само една. Ликови со по една желба, надуени од омраза и со нокти изострени од гребење се изнагледавме во 2023та. Тие се тука за да останат, па во целиот нивен блуткав сјај ќе ги гледаме и во 2024та. Ми се чини дека мракот и примитивизмот ќе добијат нова димензија во годината која доаѓа. Нема да биде ни трошка романтично, а простотилакот и нихилизмот ќе продолжат да ги корумпираат срцата на тие кои слободата и демократијата ја недоразбираат со поткраднување на ситно и фрлање клетви на Фејсбук. Наше ќе биде да останеме и опстанеме цврсти на ова мало парче сончевина и да ја одржуваме рамнотежата на Силата. Не е тешко кога се мора.

На страна мрачните проекции и вторнички перспективи, на страна подготвеноста за борба и опстанок, на страна вербата, надежта и љубовта. Овде сум дојден да ви ја претставам мојата Топ 10 листа на желби за новата 2024та година. Наречете ме наивен, ама јас и понатаму фантазирам и силно посакувам убави нешта. Се разбира, за нив сум подготвен и да работам и да се борам и да ….

  1. Посакувам сите вие драги мои читатели, па и сите вие што не ме читате, да бидете здрави, живи и просперитетни во 2024та година. Е, да… Вие што не ме читате да почнете да (ме) читате. Време е.
  2. Македонија да ги отпочне преговорите за пристап кон Европската Унија. Уморно, анахроно и безмалку ретардирано звучи оваа желба, но нашиот примитивизам, под рака со историската и геостратешка неписменост, се главните причина за ова децениско оптегнување. Ниту описменевме во годините безумно талкање, нит нешто научивме, но се чини дека говедото е за рогови довлечкано до поилото и има шанси да се напие вода. Водата е многу потребна за живот, ама инаетот е голем кај говедото. Ако не успееме и овој пат – има време, ќе почекаме уште едно поколение да се отсели. Само смирено.
  3. Над 4 милијарди луѓе ќе гласаат на избори во 2024та. Граѓаните на Македонија, САД, Европската Унија, Индија, Обединетото Кралство, Украина, Русија, Тајван и многу држави во Африка, ќе бидат помеѓу оние кои ќе излезат на гласање следната година. Посакувам победа на прогресивните сили.
  4. За малку ќе посакав и чист воздух, прочистена вода, еколошки превоз и зелен хуман град, но скопјани одамна мутираа над потребата од такви тракатанции. За инает. Само не знам дали како хоби, или од чисто самоубиство.
  5. Под број 5 имам музичка желба. Посакувам ПОЕТРОНИКА да ја издадам на винил. Посакајте ми среќа. Ќе ми биде потребна. На сите ќе ни биде потребна во 2024та.

6. Да почне и експресно да заврши изградбата на Универзална сала и отсега за навек да го носи името Драган Ѓаконовски – Шпато. Без дискусија. Господ знае дека сум во право.

7. Да прекине катастрофалната серија на умирање животни во скопската Зоолошка градина. Концентрационен логор. Хистерија. Лудаци сме сите овде. Ок, не сите.

8. Немам желба да се врати годишниот конкурс за финансирање на проекти од областа на културата на Град Скопје. Добро си е вака. Прекрасна мистерија. А и никој не се буни.

9. Под  магискиот број девет, посакувам да се вратат старите добри времиња кога буџетите за култура на градските институции овозможуваа барем оптимални услови за работа, што секако ќе помогне да запре погубната динамика на нивното руинирање во годината што изминува.

10. Голем мерак ќе ми се стори, а и Господ молам, во 2024та година, КУЛТУРАта конечно да пристигне во Скопје – Македонија. Ако не следната година, барем докај 2028ма.

Среќно.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни