Во „Трака“ („Θράκα“), едно од позначајните грчки книжевни списанија и издавачки куќи, деновиве е објавен преводот на најновата прозна творба на македонскиот писател Томислав Османли. Станува збор за биографскиот расказ „Кир-Андонис од улицата Киутахѝас“, во кој македонскиот прозаист испишува слоевит и носталгичен наратив поврзан со личност од неговото, како што самиот автор го определува, „прекугранично детство“. Под уредничката назнака „Превод од македонски јазик“, „Трака“ го објавува преводот на расказот на грчки јазик, што го потпишува познатиот грчки писател и преведувач Сотирис Минас.
Османли својата творба ја определува како „расказ од археологијата на сеќавањето“. Прозата „Кир-Андонис од улицата Киутахѝас“ е мотивирана од стара црно-бела фотографија што писателот случајно ја пронашол на интернет, препознавајќи на неа личност од своето детство.Низ живи слики извлечени од личните сеќавања, авторот го проследува драматичниот живот не само на својот протагонист и неговото семејство, туку и социјалната слика на една малограѓанска средина – градот Воден во повоените 1950-ти и 1960-ти години, каде што била направена фотографијата и каде што се одвива наративот.
Како и неговите други раскази, и оваа опсежна прозна творба на Османли е особено меланхолично интонирано сведоштво за еден поделен и неспокоен балкански хронотоп – конкретен и личен, но истовремено и поширок приказ на едно историско време и неговите луѓе.
Од македонски на грчки јазик
Прозата „Кир-Андонис од улицата Киутахѝас“ најнапред била објавена на македонски јазик на порталот за уметност и култура „Окно.мк“. Во меѓувреме, авторот ја дополнил со нови мотиви и сеќавања, по што му ја испратил на својот грчки преведувач Сотирис Минас.Минас потоа му го предложил расказот на уредникот на списанието „Трака“, истакнатиот грчки поет од средната генерација Танос Гогос, кој годинава беше присутен и на најновото издание на Струшките вечери на поезијата.
Неколку години порано, токму Томислав Османли го приопштил творештвото на Танос Гогос на македонски јазик во тријазичната антологија на современата грчка поезија, објавена на грчки, македонски и англиски јазик.
„Трака“ – книжевен простор од Лариса
„Трака“ („Θράκα“) е непрофитна организација основана во 2014 година, со седиште во Лариса. Таа управува со истоимената издавачка куќа и книжевното списание, кое своите содржини ги објавува електронски, а еднаш годишно излегува и во печатена форма. Од 2013 година организацијата го организира меѓународниот Пантесалиски фестивал на поезијата, чие 14. издание неодамна заврши по речиси едномесечно траење. „Трака“ организира и други книжевни настани во Лариса, Атина, Солун и Кардица.
Организацијата, исто така, како партнер учествува во меѓународната мрежа на книжевни резиденции „Засолништето на Одисеј“, како и во помали меѓународни програми за литературна размена. Во најновото издание на книжевното списание, покрај расказот „Кир-Андонис од улицата Киутахѝас“, објавени се и творечките биографии на македонскиот писател Томислав Османли и грчкиот преведувач Сотирис Минас.