Европратениците се судрија за токсичниот отпад во Госпиќ

Додека пратениците на ХДЗ вината ја префрлаат на меѓународен шверц, опозицијата прашува како илјадници тони отров завршија во хрватските води.
Фото: X/@jakovcic_eugen

Случајот со незаконски фрлениот опасен отпад во Госпиќ предизвика жестока расправа во Европскиот парламент во Стразбур. Пратениците отворија конфликт околу тоа дали аферата е исклучиво меѓународен криминал со отпад или доказ за тотален колапс на контролата на хрватските институции. Во фокусот на судирот се најде и обидот од официјалниот дневен ред да се избришат термините „Хрватска“ и вештачките отрови „ПФАС“, што предизвика директни обвинувања за институционално прикривање.

Официјалната расправа во Европскиот парламент се водеше под генерички наслов „Заштита на здравјето на луѓето од токсични материи“. Хрватскиот европратеник Гордан Босанац од партијата „Можеме“ тврди дека неговиот првичен предлог експлицитно ги содржел термините „Хрватска“, „ПФАС“ хемикалии и „загадување на подземните води“.

Според Босанац, овие конкретни одредници биле исфрлени на барање на Европската народна партија и пратениците од ХДЗ за да се намали политичката штета за Загреб. Социјалдемократската пратеничка Романа Јерковиќ исто така предупреди дека префрлањето на вината врз европски структури не може да го амнестира фактот што домашните органи не реагирале навреме.

Од другата страна, претставниците на владејачката ХДЗ застанаа во одбрана на институциите. Европратеничката Николина Брњац изјави дека хрватската влада веќе презема чекори за санација на теренот и казнување на виновниците.

Брњац тврди дека суштината на проблемот лежи во европскиот систем за следење на отпадот. Според неа, недозволиво е конвои со опасен отпад слободно да поминуваат низ повеќе земји-членки на Европската унија без граничните и инспекциските служби воопшто да ги детектираат или запрат пред да влезат во Хрватска.

Случајот во Госпиќ стана аларманетен поради ризикот од загадување на подземен слив со исклучително опасни индустриски соединенија. Опозициските пратеници инсистираат истрагата да утврди кој точно од хрватската администрација дозволил складирање на илјадници тони отпад на несоодветна локација.

Илегалната депонија во Лика стана симбол на поширок проблем на европскиот југоисток, каде посиромашните региони често се користат како евтина дестинација за одлагање токсичен материјал од западните индустриски центри.

е-Трн да боцка во твојот инбокс