На Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска беше отворена новата Лабораторија за органска хемија. Инвестицијата е вредна 2 милиони денари, а средствата се обезбедени со поддршка од УКИМ, Министерството за образование и наука и од сопствени извори на факултетот.
Лабораторијата е опремена со современа опрема и треба да овозможи унапредување на наставно-научната работа, како и подобри услови за едукација и истражување во областа на органските технологии.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека лабораторијата е од исклучителна важност, особено зашто ваков тип истражувачка инфраструктура е неопходен за СТЕМ-науките. Според неа, просторот ќе можат да го користат професори, научни истражувачи, студенти, но и средношколци.
Таа посочи дека, со оглед на тоа што со Законот за високо образование се предвидуваат и универзитети за применети науки, лабораторијата ќе може да ја користат и лица кои не се дел од академската заедница, но сакаат да ги подобрат своите вештини и перформанси на пазарот на трудот или во компаниите. Дополнителна вредност, според Јаневска, е можноста лабораторијата да биде достапна и за ученици, во согласност со законските решенија за средното образование.
Јаневска нагласи дека ова е дел од поширок циклус инвестиции во науката и високото образование, што Министерството ги реализира во соработка со универзитетите, со цел да се подигне квалитетот на високото образование, науката и стопанството.
Деканот на Технолошко-металуршкиот факултет, Игор Јорданов, изјави дека реновираната лабораторија ќе им овозможи на студентите да се едуцираат и да истражуваат на современ начин. Тој посочи дека лабораторијата е финансирана од Министерството за образование и наука, Ректоратот и од сопствени средства на факултетот.
Според Јорданов, целта е да се покаже дека факултетот располага со модерни лаборатории што може да ги користат и наставниот и научниот кадар. Покрај за научни и едукативни цели, лабораторијата е наменета и за средношколци, за практична работа по хемија, биологија и физика.
Ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, оцени дека обновувањето на лабораторијата претставува уште еден чекор во инвестирањето во истражувачка инфраструктура и во напорите науката да биде ставена во функција на наставата.
Таа нагласи дека нема квалитетно високо образование без квалитетна наука и без вклучување на најсовремените научни резултати во наставниот процес. Ангелова изрази очекување дека студентите максимално ќе ја користат лабораторијата под менторство на своите професори.
Органската хемија, како што беше истакнато, има широка примена во повеќе области, меѓу кои фармацевтската и прехранбената индустрија, современите материјали и енергетиката.