Во Скопје денеска се одржа јавна расправа како дел од законската процедура за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола на ТИТАН Усје. На настанот компанијата ги презентираше податоците за своето тековно работење, како и активностите и инвестициите насочени кон заштита на животната средина и примена на најдобрите достапни техники.
Од ТИТАН Усје истакнаа дека јавната расправа претставува важен механизам во процесот, кој им овозможува на сите засегнати страни да учествуваат со свои ставови и забелешки. Според компанијата, отворениот и аргументиран дијалог е клучен за градење доверба и транспарентност во процесот на одлучување.

Во март оваа година, ТИТАН Усје до Министерството за животна средина и просторно планирање поднесе апликација за продолжување на дозволата, која, како што наведуваат, е во согласност со важечката законска регулатива. Компанијата нагласува дека сите пропишани постапки се спроведени навремено и транспарентно, а апликацијата е јавно достапна за увид.
Како дел од напорите за зголемена транспарентност, компанијата го стави во функција и новиот портал за животна средина, преку кој јавноста може да има пристап до дневни податоци од мониторингот на емисиите, информации за еколошките активности и инвестиции, како и можност за директна комуникација и поставување прашања.
ТИТАН Усје посочува дека како една од првите компании во државата со А-интегрирана еколошка дозвола, континуирано инвестира во модернизација и унапредување на процесите, со цел намалување на влијанието врз животната средина и усогласување со европските стандарди.
Компанијата најавува дека и во иднина ќе продолжи со инвестиции, транспарентно работење и соработка со сите засегнати страни, во насока на одржлив развој и заштита на животната средина.