„The Smiley Calls Skopje“: Електронски фестивал на отворено на 19 септември

Диџеј колективот SEMPRE носи германски гостин и локална сцена пред арената „Борис Трајковски“.

Македонскиот диџејски колектив SEMPRE на 19 септември ја организира првата едиција на фестивалот на отворено „The Smiley Calls Skopje“. Настанот ќе се одржи на паркингот пред арената „Борис Трајковски“ во Скопје. По две години клупски настапи, продуцентите го пренесуваат својот препознатлив електронски звук на голема сцена под отворено небо.

Колективот SEMPRE го сочинуваат Delovski, автор на преработките на песните „Ој Девојче“ и „Крај“, и Invictoz, кој стои зад верзиите на „Некогаш ќе помине“ и „Севда“. Заедно со Flowzy и Blu, тие ја снимија и заедничката преработка „Може Може Може“.

Во изминатите две години групата градеше публика преку редовни сетови во скопскиот клуб „Станица 26“ и месечни настапи во „Three Kitchen“. Нивната верзија на траката „On The Low“ доби поддршка и од германскиот диџејски колектив Keinemusik, а домашните продуценти веќе настапуваа пред меѓународни имиња како Black Coffee, Armin van Buuren, Argy и HUGEL.

Главна меѓународна гостинска точка на фестивалот е JUNO, млад продуцент од Германија чии изданија се застапени во сетовите на светската афро-хаус сцена.

Домашната програма ја надополнува женското дуо „The Aft3r“, во состав на Елена Иваноска и Марија Јанчевска, како и диџејот Иван Димитријев. Организаторите го позиционираат фестивалот како простор за промоција на современиот електронски звук пред поширока публика во главниот град.

е-Трн да боцка во твојот инбокс