Тетовскиот базен и опасниот преседан на родовата сегрегација

Општина Тетово воведе посебни термини за жени „по барање на граѓанките” и без правна основа, без гласање во Советот, ниту транспарентен механизам со чија помош е спроведена оваа одлука.

Навистина била добра идејата да се изградат 14 јавни базени низ Македонија.  Тоа е значајно зајакнување на спортската инфраструктура во земјата. Па така и Тетово добива затворен базен вреден 800.000 евра, можност на два пати да се отвори од страна на различни градоначалници, а и жителите на Тетово добиваат место каде ќе спортуваат, ќе се рекреираат а и ќе најдат освежување во овие тропски денови.

Одеднаш, оптшината „на барање на граѓанките“ одлучува да воведе посебни термини во кои ќе може да се капат само жени и девојки. Или како што изјавил функционер од локалната власт: бидејќи не сакале да има мешање со мажи во базенот.  Според летниот распоред, термините се во среда и сабота од 08:30 до 12:00 часот.

Сегрегацијата не станува поприфатлива кога ја бараат оние кои ќе бидат сегрегирани. Јавниот простор не се дели по пол, ниту кога има „барање”. Најпрво, не знаеме кој механизам го искористиле граѓаните за да го поднесат ова барање. Дали собрале потписи, покренале иницијатива пред Советот на општината, дали аргументирале зошто не сакаат да има мешање со мажи во базенот? Дали биле малтретирани во базенот? Кој ги малтретирал, дали се пријавени такви случаи? Ништо од тоа не е познато за јавноста. И никој не го знае механизмот кој е употребен за да се донесе одлуката за периодично ускратување на правото на користење на базенот од страна на мажите.

Но, ајде да речеме дека барањата за вистинити и легитимни. Сепак останува едно практично прашање на кое не се нуди одговор: кои жени, всушност, ќе пливаат во среда и сабота од 08:30 до 12:00?

Оние жени кои работат осум, девет или колку и да им трае работното време не можат да го користат терминот во среда од 08:30 до 12:00. Термините се изработени за жена која е слободна во работни часови, слободна во сабота наутро, и нема обврски кои ја задржуваат дома. Наместо да се направат термини кои им одговараат на сите или барем на повеќето жени, се фаворизира одредена група и внатре во женската популација. Дали општината во обланда на заштита на правата на жените воведува и класно фаворизирање на оние кои не зависат од класичен работен ангажман.

Тетово е град со конзервативна муслиманска мнозинска заедница. Ова не е тајна, не е навреда и не е оценка. Ова е контекст без кој одлуката не може правилно да се разбере. Нормата за полово раздвојување во јавниот простор е препознатлива практика во конзервативни муслимански средини, и секој кој тврди дека не го знае тоа, лаже или глуми. Проблемот не е верата сама по себе. Проблемот е кога општинска институција ја кодифицира верската норма со јавни пари, без правна основа, без транспарентен процес и без гласање во Советот на општината.

Постои разлика помеѓу приватното практикување на верата и одлките на општината. Првото е право. Второто е политика и е регулирано со Уставот и законите. А кога политиката го менува пристапот до јавна инфраструктура врз основа на пол, без правна основа, без образложение и без одговорност, тоа не е акомодација на потребите на заедницата. Тоа е преседан и воведување родова сегрегација оправдано со недокументаирано (барем не претставено јавно) „барање на граѓанките“.

Општината Тетово, ако веќе има порив да обезбеди мирно и цивилизирано користење на јавната инфрструктура, како базенот во овој случај, може да се потруди да воведе прецизни правила за негово користење кое ќе исклучи состојби во кои било кој дел од населението се чувствува лошо  кога во базенот се и „другите“, да спроведе информативна и образовна кампања која ќе се осврне на заедничкото функционирање со поинаквите по род, вера, раса… Во спротивно, следната одлука може да донесе термини само за Албанци или само за Македонци. Или едноставно, на некоја заедница да и забрани влез во базенот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс