Во среда и сабота само жени ќе може да се капат во градскиот базен во Тетово

Градскиот базен во Тетово воведе посебни термини за жени и девојки во среда и сабота од 08:30 до 12:00 часот. Општината вели дека одлуката е по барање на граѓанките.

Општина Тетово вели дека посебните термини за жени и девојки се воведени по барање на граѓанките, кои не сакале мешан термин со мажи на базенот.

Градскиот базен во Тетово воведе посебни термини во кои ќе може да се капат само жени и девојки. Според летниот распоред, термините се во среда и сабота од 08:30 до 12:00 часот.

Од Општина Тетово велат дека одлуката е донесена по барање на граѓанките.

„Тие термини се предвидени базенот да го користат само жени и девојки, бидејќи не сакале да има мешање со мажи на базенот. Тоа е направено според барање на граѓаните, односно граѓанките од Тетово“, изјави Назми Даути, раководител на Секторот за јавни дејности во Општина Тетово.

Одлуката отвора прашања за начинот на користење на јавните спортско-рекреативни објекти, особено кога станува збор за посебни термини врз основа на пол. Засега нема реакција од Советот на Општина Тетово, каде мнозинство има коалицијата „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ.

Базенот повторно отворен за граѓаните

Со завршувањето на учебната година, градскиот базен, кој претходно се користеше во рамките на образовниот процес и беше наменет за учениците, ги отвори вратите за сите посетители.

Ова е единствениот градски базен во Тетово, додека уште неколку базени има во околните села.

Според летната шема, базенот во Тетово работи од понеделник до петок од 08:30 до 16:30 часот, а за време на викенд од 09:00 до 21:00 часот.

Базен изграден со над 800.000 евра

Градскиот базен во Тетово, кој е од покриен тип, почна да се гради во 2020 година со средства од тогашното Министерство за спорт и млади. Тој беше дел од проектот за изградба на 14 базени во исто толку градови во државата и беше првиот базен изграден во рамките на тој проект.

Изградбата беше завршена кон крајот на 2021 година, кога тогашната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, формално го пушти во употреба. Сепак, базенот не работеше веднаш, бидејќи се чекаше дополнителна изградба на соларен систем за загревање на водата.

Во јули 2022 година, по поставувањето на фотоволтаиците на покривот, базенот повторно беше пуштен во употреба, овојпат од градоначалникот Билал Касами.

За неговата целосна изградба беа потрошени околу 50 милиони денари, односно над 800.000 евра.

е-Трн да боцка во твојот инбокс