Тереза Кесовија го прослави 88. роденден во болница: „Нема предавање!“

По два дена на интензивна нега, музичката дива наздрави со јогурт и најави продолжување на прошталната турнеја штом застане на нозе.

Хрватската музичка ѕвезда Тереза Кесовија го прослави 88. роденден во Клиничката болница Дубрава во Загреб, каде што се опоравува од неодамнешните срцеви проблеми. Иако поради нарушеното здравје мораше да го одложи славеничкиот концерт, таа порача дека закрепнува брзо и дека оптимизмот не ја напушта.

Кесовија минатата недела беше итно хоспитализирана поради проблеми со срцето. Првите два дена ги поминала на одделот за интензивна нега, по што лекарите ја префрлиле на редовниот болнички оддел за целосна стабилизација. Доколку закрепнувањето тече според планот, пејачката почетокот на следната недела треба да биде пуштена на домашно лекување.

Здравствената состојба наметна пауза во нејзиниот професионален распоред. Концертот во салата „Лисински“, планиран за овој викенд како дел од нејзината голема проштална турнеја, мораше да биде одложен.

„Жал ми е што поради виша сила не можев да одржам концерт и да прославам со мојата публика. Толку многу се радував на тоа. Но, штом целосно се опоравам, сè ќе надоместиме“, порача Кесовија од болничкиот кревет.

Наместо со шампањ и свеќички, музичката икона својот 88. роденден го одбележа со чаша јогурт.

„Секако дека сè ќе биде во ред. Нема предавање! Важна е здравицата, а не тоа со што се наздравува“, изјави пејачката.

Турнејата со која планира да стави точка на една од најдолгите кариери на регионалната сцена започна со настапи во Сплит и во нејзиниот роден Дубровник. Загрепската публика ќе мора да почека уште малку, но Кесовија уверува дека приказната не завршува овде.

е-Трн да боцка во твојот инбокс