Владата на Тајван денеска соопшти дека островот е „суверена и независна држава“, реагирајќи на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој предупреди дека евентуално прогласување независност може да предизвика војна со Кина.
„Тајван е демократска, суверена и независна држава која не е подредена на Народна Република Кина“, соопшти тајванското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека политиката на Вашингтон кон островот останува непроменета.
Во телевизиско интервју снимено непосредно пред заминувањето од Пекинг, американскиот претседател Тамп го предупреди Тајван да не прогласува независност.
„Не сакам некој да прогласи независност, а потоа ние да треба да патуваме 15.000 километри за да одиме во војна“, изјави Трамп за „Фокс њуз“, повикувајќи ги Тајпеј и Пекинг да ги намалат тензиите.
Тој додаде дека не сака никој да смета дека може да прогласи независност само затоа што има поддршка од САД, а посочи и дека сè уште нема донесено одлука за нова продажба на американско оружје на островот.
Од тајванското Министерство за надворешни работи порачаа дека продажбата на оружје од страна на САД не е само дел од американските обврски кон безбедноста на Тајван, туку и средство за одвраќање од регионални закани.
Во меѓувреме, кинескиот претседател испрати остро предупредување до Вашингтон.
„Прашањето за Тајван е најважното прашање во кинеско-американските односи. Ако правилно се третира, односите меѓу двете земји можат да останат стабилни. Ако се третира лошо, двете држави ќе влезат во судир“, изјави Си Џинпинг.
Кина го смета Тајван за дел од својата територија уште од крајот на Кинеската граѓанска војна во 1949 година. Пекинг официјално се залага за мирно обединување, но постојано предупредува дека не ја исклучува употребата на сила.