Мобилниот телефон сè поизразено го презема местото на паричникот во секојдневното плаќање во Северна Македонија. Граѓаните сè почесто користат мобилни апликации, а електронските плаќања бележат значителен раст и по број и по вредност, покажуваат најновите податоци на Народната банка за првиот квартал од 2026 година.
Во првите три месеци од годината, бројот на платежни трансакции со платни налози е зголемен за 10,3%, додека нивната вкупна вредност пораснала за 14,6% во споредба со истиот период лани. Уште поизразен е растот кај електронските плаќања. Бројот на дигитални трансакции е зголемен за 21,9%, а нивната вредност бележи пораст од 23% на годишно ниво.
Најголемиот дел од овие плаќања се реализираат преку мобилен телефон, дури 72,8% од сите електронски налози се иницирани преку мобилни апликации. Нивниот број е зголемен за 25,9% во однос на истиот квартал лани, што укажува на брза промена во навиките на корисниците. Паралелно расте и употребата на платежни картички, со зголемување од 12,2% во бројот на трансакции и 14,5% во нивната вредност. Дополнителен раст се забележува и кај онлајн купувањата, кои бележат пораст од 18,7%, додека плаќањата на продажни места се зголемени за 11,7%.
Според Народната банка, 17,9% од сите платежни картички во земјата се веќе дигитализирани, а преку секоја од нив во просек се извршени по четири мобилни плаќања во текот на кварталот. Од институцијата оценуваат дека овие трендови јасно покажуваат дека дигитализацијата на платежните услуги продолжува со забрзано темпо, при што мобилните решенија стануваат сè поважен дел од секојдневните финансиски навики на граѓаните.