Над десет технолошки еднорози доаѓаат во Скопје на самит за стартапи и AI

Глобални технолошки компании и фондови со портфолио од милијарда евра во октомври ја тестираат подготвеноста на македонскиот иновациски екосистем.

Скопје од 1 до 4 октомври ќе биде домаќин на технолошката конференција Startup Revolution AI Summit 2026, каде што се најавени над десет технолошки еднорози, 100 странски говорници и претставници на инвестициски фондови. Организаторите очекуваат повеќе од 2.000 гости од 50 држави, со намера локалните основачи на бизниси да добијат директен контакт со глобалниот капитал без да патуваат во европските метрополи.

На собирот во октомври своето присуство веќе го потврдија компаниите Lovable, Preply, PostHog, Wonderful AI и Make. Станува збор за бизниси вреднувани над една милијарда долари, познати во индустријата како еднорози.

Паралелно со нив, во Скопје пристигнуваат инвеститори чии заеднички портфолија надминуваат 1 милијарда евра. За македонските компании ова претставува ретка прилика за директен пристап до приватен капитал, кој вообичаено се договара во центри како Лондон, Берлин или Дубаи.

„Носиме повеќе од 100 говорници од големи глобални брендови, AI и automation компании, како и алатки кои можете директно да ги користите во вашите компании и брендови“, изјави Сашо Јовановски, извршен директор и основач на Startup Revolution.

Конференцијата ќе работи преку неколку одделни сцени, прилагодени на зрелоста на пријавените бизниси. Главната бина, наречена Revolution Stage, ќе опфати дебати за вештачка интелигенција, финтек, сајбер безбедност, климатски технологии и податоци.

За почетните проекти е предвидена Startup Stage со натпревар во презентирање (pitching) и работилници за тестирање на прототипи и освојување први корисници. Понапредните претпријатија ќе работат на Scale-Up бината, каде фокусот ќе биде ставен на меѓународна продажба, автоматизација на процеси и собирање поголеми инвестициски рунди.

Македонската стартап сцена со години се соочува со недостиг на ризичен капитал и ограничен пристап до странски партнери. Иако локалните инженери работат за надворешни клиенти, само мал дел успеваат да изградат сопствен скалабилен производ дома.

Наместо македонските тимови да трошат ресурси на патувања по европските технолошки недели, настанот се обидува мрежата од контакти да ја донесе во Скопје. Дали средбите ќе резултираат со реални инвестициски договори ќе се знае по завршувањето на октомвриските сесии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс