„Технобурлеска – Крадци на слики“ во МКЦ во рамки на Skopje Pride Weekend

Перформансот „Technoburlesque – Image Snatchers“ на словенечкиот колектив The Feminalz ќе биде изведен на 13 јуни во Младинскиот културен центар во Скопје. Настанот е дел од програмата на Skopje Pride Weekend 2026 и за посетителите е со слободен влез.

Љубителите на современата перформативна уметност ќе имаат можност да го проследат перформансот „Technoburlesque – Image Snatchers“ („Технобурлеска – Крадци на слики“) на словенечкиот колектив The Feminalz, кој ќе се одржи на 13 јуни со почеток во 21 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Настанот е дел од програмата на Skopje Pride Weekend 2026, а е ко-програмиран со PPf, додека локална поддршка ќе обезбеди Бучкуруж.

The Feminalz ја развиваат технобурлеската „Крадци на слики“ уште од 2013 година, создавајќи специфичен сценски израз што ги поместува границите на класичната бурлеска и кабаре-концептот. Нивната работа често се опишува како „театар на непријатноста“, кој преку провокација, хумор и визуелни експерименти отвора простор за критичко преиспитување на современото општество.

Перформансот користи вињети, поп-културни референци и визуелни апропријации за да ги отвори прашањата за националниот идентитет, мачизмот, политичкиот популизам, родовите стереотипи и медиумската мелодрама. Преку сценски спектакл, бизарни ситуации и енергичен настап, авторите ги предизвикуваат доминантните претстави за тоа што значи „женско“, „машко“, „наше“ и „нивно“.

The Feminalz важат за еден од најпрепознатливите и најдоследни колективи на современата словенечка перформативна сцена. Нивните проекти се движат на границата меѓу кабаре, перформанс и критички театар, а се препознатливи по смелоста, динамиката и ангажираниот пристап кон актуелните општествени теми.

Локалниот колектив Бучкуруж, кој ќе биде дел од настанот како поддршка, претставува простор за културно-уметничко изразување и истражување на родовата трансгресија, со посебен фокус на лезбејската, транс и родово флуидната заедница.

Настанот нуди можност за средба со современи уметнички практики што ги преиспитуваат општествените норми и отвораат простор за нови перспективи преку уметноста и перформансот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс