Технички проблеми истовремено ги погодија трите најголеми платформи за вештачка интелигенција, ChatGPT, Gemini и Grok, оставајќи илјадници корисници ширум светот без одговори денеска попладне. Платформата Downdetector регистрираше остар скок на пријави за прекин на работата на сервисите на OpenAI, Google и компанијата xAI на Илон Маск.
Првите прекини беа забележани кај ChatGPT, каде корисниците масовно се соочија со празни екрани и пораки за грешка при испраќање барања. Набрзо потоа, слични потешкотии се појавија и кај Gemini на Google. Корисници од повеќе држави пријавија исклучително бавно вчитување на страницата или целосна неможност системот да генерира одговор. Google досега не излезе со официјален став за причините зад ваквиот застој.
Дефектот не го заобиколи ниту Grok на Илон Маск. На официјалната страница за следење на статусот на сервисот за Android се појави известување за сериозни проблеми во функционалноста на самите модели. Downdetector за Grok регистрираше над илјада поплаки за помалку од еден час. Иако кај дел од платформите пристапот делумно се стабилизираше во текот на попладнето, сообраќајот се одвиваше со забележителни осцилации.
Засега нема технолошка потврда дека станува збор за координиран напад или пад на некој клучен интернет-провајдер што ги опслужува овие сервери. Инцидентите не започнаа во иста минута, што ја остава отворена можноста за случајно совпаѓање на локални дефекти. Големите јазични модели зависат од огромна инфраструктура од сервери, па дури и мал пад на заеднички клауд-провајдери може да повлече повеќе различни сервиси истовремено.