Патувањето без друштво станува сè попопуларно, но има една голема финансиска разлика: кога патувате сами, немате со кого да ги поделите трошоците за хотелска соба, превоз и други услуги.
Новото истражување на Radical Storage, што го пренесува „Еуроњуз“, анализирало 48 од најпосетуваните европски градови врз основа на 11 критериуми, меѓу кои се трошоците за престој, безбедноста и достапноста на хостели.
Каде е најдобро да отпатувате сами?
На првото место се најде Прага, каде што просечните дневни трошоци за сместување, храна, превоз и забава изнесуваат околу 134 евра.
Втор е Краков во Полска, кој е меѓу најевтините градови опфатени со истражувањето, а трет е Истанбул, особено привлечен поради поволните цени на хостелското сместување.
Меѓу десетте најдобро оценети се и Лисабон, Гдањск, Берлин, Порто, Севиља, Барселона и Рига.
Каде самостојното патување е најскапо?
На спротивниот крај е Цирих, каде што само просечниот дневен трошок за сместување достигнува 168 евра.
Следуваат Рејкјавик и Венеција, а меѓу понеповолните дестинации се и Женева, Франкфурт, Ница, Марсеј и Даблин.
Според анализата, просечните дневни трошоци во десетте најниско рангирани градови изнесуваат 252 евра, во споредба со 153 евра во десетте најдобри.
Разликата е речиси 100 евра дневно, што значи дека петдневно патување може да чини приближно 500 евра повеќе, зависно од избраната дестинација и начинот на патување.
Истражувањето покажува дека изборот на град не е само прашање на туристички атракции, туку и на тоа колку чини слободата да патувате сами.
