Дозволено капење во Гостивар, водата од чешма уште не е за пиење

Откако три дена по ред анализите покажаа подобрување, водата во Гостивар се прогласува за техничка, а граѓаните ќе продолжат да добиваат флаширана вода за пиење.

Водата од гостиварскиот водовод конечно е прогласена за техничка и може да се користи за капење и миење садови, по повеќекратните испитувања во последните три дена. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека пиењето и подготвувањето храна остануваат забранети и најави дека снабдувањето со флаширана вода продолжува, додека се вршат дополнителни мерења на повеќе локации во градот.

Три последователни дена експертите анализирале шест примероци од водата во Гостивар, по што е утврдено дека таа може да се користи како техничка вода. Тоа значи дека гостиварчани од денес можат безбедно да ја користат за капење и за сите останати домаќински потреби, освен за конзумирање.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека мерките за обезбедување флаширана вода ќе продолжат додека не се надмине целосно кризата. Тој ја истакна координацијата со локалната самоуправа во менаџирањето на ситуацијата.

На прес-конференцијата, министерот Тошковски не пропушти да упати порака до локалните власти, нагласувајќи ја сериозноста на проблемот со водоснабдувањето. Тој побара максимална професионалност во однос на квалитетот на водата.

„Се надевам дека ова ќе биде за памет и дека ќе постапуваат максимално професионално, затоа што играње со здравјето на граѓаните нема“, изјави Тошковски.

Стручните екипи ќе продолжат со контрола на квалитетот на водата во следните денови. Мерењата ќе се вршат на повеќе места низ Гостивар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс