Татко и ќерка во визуелен дијалог: Александра и Илија Ацески со изложба во Прилеп

„ДОМА – меѓугенерациски дијалози за денот и ноќта“ ги спојува фотографијата и дигиталната уметност во необичен разговор меѓу две генерации.

Што се случува кога татко и ќерка ќе го погледнат светот низ различни уметнички објективи? Одговорот вечерва ќе може да се види во Прилеп, каде во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „ДОМА – меѓугенерациски дијалози за денот и ноќта“.

Изложбата, која започнува во 20 часот, е заеднички проект на Александра Ацеска и Илија Ацески, татко и ќерка, кои преку фотографии и дигитални дела создаваат визуелен разговор меѓу две генерации и две различни перцепции на светот.

Александра во својата работа пристапува аналитички – го разложува и преиспитува видливото во потрага по значење. Илија, пак, суштината ја бара преку непосредното искуство и прифаќањето на она што го гледа.

Токму таа разлика е во срцето на изложбата – просторот меѓу анализата и искуството, меѓу едноставниот симбол и можноста тој да крие цел еден универзум.

Александра Ацеска е родена во Прилеп, а денес живее и работи во Фошан, Кина. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот сликарство и графички дизајн, а во 2023 година магистрирала сликарство на истиот факултет.

Илија Ацески подолг период се занимава со фотографија и зад себе има повеќе награди за својата работа.

Изложбата во Прилеп така станува повеќе од уметничка поставка – средба на две генерации, два погледа и една заедничка тема: домот и начинот на кој го доживуваме светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс