“Taste the South“ – четврто издание на фестивалот што го слави вкусот и духот на југот

„Taste the South“ ќе се одржи следниот викенд (11 до 13 септември) на паркингот кај Новиот пазар „Сава Михајлов“ во Гевгелија.

Гевгелија повторно го отвора патот кон вкусовите на југот. Од 11 до 13 септември, градот ќе биде исполнет со ароми, вкусови, музика и традиција во рамките на четвртото издание на „Taste the South“ – препознатливиот гастрономско-музички бренд на Општина Гевгелија.

Создаден со идеја да ги стави во фокус богатата гастрономска традиција, локалните производи, македонските вина и јужното гостопримство, „Taste the South“ прерасна во препознатлива фестивалска приказна која ја промовира Гевгелија како дестинација со автентичен вкус, богата традиција и енергија која се доживува.

Во текот на трите фестивалски дена, посетителите ќе имаат можност да уживаат во локални специјалитети, кулинарски презентации, подготовка на храна пред публика и дегустации на производи карактеристични за јужниот регион. Петокот ќе биде посветен на ајварот, саботата на смоквите и производите од нив, додека неделата ќе донесе дегустација на традиционална ракија.

Посебно место во фестивалската понуда ќе имаат македонските винарии и локалните производители, кои преку своите производи ќе ја претстават разновидноста и автентичноста на  гевгелиската и македонската гастрономија.

Фестивалот ќе понуди и богата музичка програма со настапи на познати артисти, создавајќи атмосфера во која храната, виното, музиката и дружењето стануваат едно целосно фестивалско доживување.

Неделата ќе започне напладне и ќе донесе целодневна програма за сите генерации – од најмладите до највозрасните, со содржини исполнети со забава, гастрономија, музика и дружење.

„Taste the South“ ќе се одржи на паркингот кај Новиот пазар „Сава Михајлов“ во Гевгелија. Во петок и сабота фестивалската програма ќе трае од 17:00 до 01:00 часот, додека во недела ќе започне во 12:00 часот и ќе трае до полноќ.

Четвртото издание на „Taste the South“ е уште една можност Гевгелија да ја покаже својата препознатлива јужна енергија и да ги пречека посетителите со она по кое овој крај е познат – добрата храна, квалитетното вино, богатата традиција и искреното гостопримство.

„Taste the South“ – вкусот на југот, бренд на Општина Гевгелија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс