Танц како исцелување: отворена работилница со лусијана ачугар во Јадро

Во рамки на „Култренинг“, кореографката лусијана ачугар ќе води бесплатна работилница за движење, дишење, телесна свесност и танц како простор за исцелување, радост и поврзување.

Во КСП Центар-Јадро ќе се одржи отворена танцова работилница за професионалци и непрофесионалци, како дел од серијата работилници „Култренинг“. Влезот е слободен, но учеството е со задолжителна регистрација, а рокот за пријавување е 5 јуни до 17 часот.

Работилницата ќе ја води лусијана ачугар, кореографка од Уругвај која живее и работи во Бруклин. Таа ќе го сподели својот проект Pleasure Practice, развиен низ години кореографска практика, во кој танцот се разбира како простор за исцелување, креативност, ритуал и поврзување.

Поаѓајќи од различни соматски практики, интуитивно движење, дишење, звучење и телесна свесност, работилницата ги повикува учесниците во колективен процес на истражување на телото и присуството. Наместо строга форма или однапред зададена техника, фокусот е на ослободување од хиерархиските и ограничувачки модели на телесност.

Pleasure Practice отвора простор за послободни, поинстинктивни и порелациски начини на заедничко постоење. Работилницата е замислена како достапен и инклузивен формат во кој учесниците можат да истражуваат движење, ранливост, радост, оснажување и колективна имагинација преку телото.

Лусијана ачугар е кореографка чиј уметнички развој се одвивал во близок дијалог со њујоршката и уругвајската сцена на современ танц. Од 1999 година работи независно и колаборативно, развивајќи уметничка практика во која театарот, ритуалот, утопијата, телото и задоволството се поврзуваат во еден заеднички јазик на движење.

Добитничка е на две Bessie Awards, Guggenheim Fellowship, Creative Capital, Foundation for Contemporary Arts, MAP Funds, Jerome Foundation, Alpert Award, NYFA Artist Grants и други значајни признанија. Во 2022 година ја добива стипендијата USA Doris Duke Fellow, а во 2024 година завршува магистерски студии по танц на Bennington College.

„Култренинг“ е програма на Локомотива која од 2016 година создава простор за танцова едукација, размена на знаења и уметничка практика. Програмата е наменета за професионални танчерки и танчери, уметници, ЛГБТИК+ заедницата и сите заинтересирани за современ танц, техники на движење и телесно истражување.

Преку соработка со локални, регионални и меѓународни кореографи и танчери, „Култренинг“ овозможува бесплатни работилници, поддршка за локалната сцена и достапни формати за пошироката заедница. Со текот на времето, програмата прерасна во важен простор за грижа, движење, учење и колективна практика.

Работилницата е дел од Перформанс Платформа фестивалот 2026 – пролетна едиција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс