Тамара Тодевска ја објави „Кукла жива“, најличната песна во својата кариера

Новиот сингл е инспириран од животната приказна на пејачката, а истовремено испраќа порака до сите кои се соочиле со осуди, притисоци и наметнати очекувања од општеството.

„Ќе те кренат, па те газат, од секој збор скандал прават…“ – со овие стихови започнува новата песна „Кукла жива“, со која Тамара Тодевска отвора ново поглавје во својата музичка кариера.

Станува збор за носечкиот сингл од истоимениот албум, за кој музиката и текстот ги потпишуваат Тамара Тодевска и Коста Петров. Продукцијата е на Емин Џијан, додека видеоспотот е реализиран под режисерската палка на Мартин Трајановски и Takat Studios.

„Кукла жива“ е инспирирана од личниот животен и професионален пат на Тамара – исполнет со успеси, предизвици, јавни критики, признанија и постојана борба да остане верна на себе во свет исполнет со очекувања и предрасуди.

Но, песната не е само лична исповед. Таа носи универзална порака и зборува за сите оние кои во одреден период од животот биле принудени да се вклопуваат во туѓи стандарди, наместо да ги следат сопствените желби и вредности.

„Кукла жива е песна на мојот живот. Истовремено е моќна и автентична, силна и суптилна. Но ова не е само мојата приказна. Верувам дека во неа ќе се препознаат многу девојки, жени, па и мажи кои се соочуваат со наметнати стандарди за успех и прифатливост. Песната ме расплака, ме врати во живот и ми го покажа патот кон една нова ера“, вели Тамара Тодевска.

Еден од авторите на песната, Коста Петров, открива дека за новиот албум биле создадени повеќе од 30 композиции, а во финалниот избор влегле само десет.

„Ако треба да одберам една песна што најдобро ја опишува Тамара како уметник, жена и човек, тогаш тоа е ‘Кукла жива’. Од сите создадени песни, токму оваа најсилно ја носи суштината на албумот и неговата порака“, вели Петров.

Песната веќе е достапна на официјалниот YouTube канал на Тамара Тодевска, а наскоро ќе може да се слуша и на сите дигитални музички платформи.

„Кукла жива“ е насловната композиција од истоимениот албум кој содржи десет нови песни и претставува прв визуелен албум реализиран во Македонија. Во периодот што следува публиката ќе има можност да ги слушне и останатите композиции од проектот.

Круна на целиот проект ќе биде големиот концерт и официјалната промоција на албумот, закажани за 3 октомври во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс