Јапонија денес е под силен удар на тајфунот Дуџуан, кој се приближува кон Токио со поројни дождови и силни ветрови, а властите предупредуваат на опасност од поплави и свлечишта.
На островот Ошима е издадено највисоко, ниво 5 предупредување за одрони, откако во последните 24 часа наврнале околу 600 милиметри дожд. Во повеќе делови на источна Јапонија се очекуваат дополнителни екстремни врнежи.
Невремето веќе го парализира сообраќајот. Најмалку 275 летови се откажани, а пријавени се и прекини во железничкиот сообраќај и прекини на електричната енергија во делови околу Токио. Повеќе од еден милион луѓе добија препораки за евакуација.
Поради невремето е откажан и последниот ден од Tokyo Game Show, додека дел од натпреварувањата на Азиските игри се одложени. Метеоролозите предупредуваат дека најголем ризик во следните часови се поплави, надојдени реки и свлечишта во регионот Канто, каде што се наоѓа и главниот град.