Во Хаг денес пресуда за Тачи и тројца поранешни команданти на ОВК

По повеќе од три години судење, Специјализираните совети во Хаг денес ја изрекуваат првостепената пресуда за Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи

По повеќе од три години судски процес, денес во Хаг ќе биде изречена првостепената пресуда за Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, четворицата поранешни високи функционери и команданти на ОВК. Пресудата е закажана за 10 часот, а јавната седница ќе се пренесува онлајн на албански, англиски и српски јазик.

Случајот пред Специјализираните совети на Косово во Хаг се однесува на наводни воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во периодот од март 1998 до септември 1999 година на повеќе локации на Косово, како и во Кукус и Чахан во северна Албанија.

Обвинението бара затворски казни

Обвинителството ги товари Тачи, Весељи, Селими и Красниќи за шест точки на обвинението за злосторства против човештвото – прогон, затворање, други нехумани дела, мачење, убиство и присилно исчезнување. Тие се обвинети и за четири воени злосторства: незаконско или произволно апсење и притворање, сурово постапување, мачење и убиство. Според обвинението, жртви биле стотици цивили и лица кои не учествувале во борбите.

Обвинителството тврдеше дека четворицата имале индивидуална кривична одговорност за злосторствата и дека како високи членови на Главниот штаб на ОВК имале знаење за случувањата и различни форми на контрола и влијание врз теренот.

Обвинителството побара вкупни казни од 45 години затвор. Одбраната ги отфрла обвиненијата и бара ослободителни пресуди, тврдејќи дека обвинителството не ја докажало нивната индивидуална одговорност за делата.

Процесот траеше повеќе од три години

Судењето започна на 3 април 2023 година, а доказната постапка беше затворена во декември 2025 година. Завршните зборови беа одржани од 9 до 18 февруари 2026 година. Во текот на процесот сведочеле 134 лица – 125 повикани од обвинителството, двајца од застапниците на жртвите и седум сведоци повикани од одбраната. Според Специјализираните совети, во предметот биле внесени илјадници материјални докази.

Пресудата првично требаше да биде изречена порано, но судскиот совет го продолжи рокот поради обемот на доказниот материјал и сложеноста на предметот.

Тензија пред судот

Изрекувањето на пресудата се очекува во услови на засилено внимание во Косово и регионот. Во Приштина и други места се најавени јавни собири во пресрет на одлуката, а властите преземаат безбедносни мерки. И Ројтерс известува дека во Косово се одржуваат собири за поддршка на Тачи и останатите обвинети, додека одлуката се очекува со силни реакции во различни делови од регионот.

Самиот суд најави дека јавната седница ќе биде достапна преку интернет, со десетминутно одложување, на трите јазици.

Тачи има и одделен предмет

Покрај овој процес, против Хашим Тачи се води и одделен предмет поврзан со наводно попречување на правдата и влијание врз сведоци. Денешната одлука, сепак, се однесува на главниот предмет за воени злосторства и злосторства против човештвото. За четворицата обвинети ова е првостепена пресуда, што значи дека постои можност за жалбена постапка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс