„Безбеден град“ заглави илјадници возила на Табановце

Полицијата неподготвена ја започна автоматската контрола на странци, додека колоната за излез кон Србија достигна 15 километри.

Илјадници патници, меѓу кои и голем број семејства со деца, синоќа стоеја во огромна колона долга повеќе од 15 километри на граничниот премин Табановце за влез во Србија. Сообраќајот се одвиваше екстремно бавно, а заглавените граѓани сведочат дека на одделни делници возилата стоеле во место повеќе од 20 минути. Главната причина за неколкучасовниот застој е почетокот на примената на системот „Безбеден град“ за странци, за кој властите се покажаа целосно неподготвени.

Дополнителниот хаос и метеж на границата настанал со почетокот на имплементацијата на системот за автоматско евидентирање и наплата на сообраќајни казни „Безбеден град“ за странски возила. Иако системот официјално почнал да функционира за контрола на возилата што ја напуштаат земјата, граничните и полициските служби не воспоставиле брз механизам за обработка на податоците, што предизвикало тесни грла на контролните пунктови.

Српските граѓани кои се враќаа од одмор испратија бројни видеа и фотографии на кои се гледа река од возила кои со часови чекаат во тешки услови. Револтираните патници апелираат до сите граѓани кои планираат патување низ Северна Македонија да го одложат тргнувањето или да го избегнуваат граничниот премин Табановце и да користат алтернативни правци додека не се нормализира протокот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс