СЗО алармира за можна епидемија: Се очекува раст на случаите со хантавирус

СЗО предупреди на можен раст на случаите со хантавирус поради доцно потврдување на инфекцијата на крузерот „МВ Хондиус“. Инкубацијата трае меѓу шест и осум недели.

Светска здравствена организација предупреди дека во наредниот период е можно зголемување на бројот на случаи со хантавирус, поради доцното откривање и потврдување на инфекцијата на крузерот „МВ Хондиус“.

Генералниот директор на Светска здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, на прес-конференција изјави дека првиот случај бил регистриран уште на 6 април, но дека заразата како инфективна била официјално потврдена дури околу 24 или 25 април.

Според него, во тој период патниците на бродот имале бројни меѓусебни контакти, што дополнително ја зголемува можноста за ширење на вирусот, и покрај мерките што подоцна биле воведени.

„Би очекувале повеќе случаи“, изјави Гебрејесус, додавајќи дека инкубацискиот период на хантавирусот може да трае меѓу шест и осум недели.

Хантавирусот најчесто се пренесува преку глодари, особено преку контакт со нивна урина, измет или плунка. Во ретки случаи е можна и трансмисија од човек на човек. Експертите предупредуваат дека раното откривање на симптомите и брзата изолација на заразените се клучни за спречување на пошироко ширење на вирусот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс