СЗО алармира: Еболата излегува од контрола, прв случај потврден и во Европа

Светската здравствена организација предупредува дека епидемијата на ебола во Конго и Уганда ги надминува капацитетите за одговор. Франција го потврди првиот случај во Европа.

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека актуелната епидемија на ебола во Демократска Република Конго и Уганда и натаму ги надминува капацитетите на здравствените власти за справување со кризата. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека и покрај одредениот напредок, ситуацијата останува сериозна.

„Следењето на контактите е недоволно, капацитетите за лекување се ограничени, безбедното погребување на починатите останува голем предизвик, а здравствениот систем е под силен притисок“, предупреди тој.

Најголемото жариште е во Демократска Република Конго, каде досега се регистрирани 1.094 потврдени случаи на зараза и 277 смртни случаи. Во Уганда се потврдени 20 случаи и две жртви. Дополнителна загриженост предизвика веста дека Франција го потврдила првиот случај на ебола во Европа од почетокот на актуелната епидемија. Станува збор за лекар кој се вратил од хуманитарна мисија во Конго. Француските власти соопштија дека пациентот е сместен во специјализирана здравствена установа и е во стабилна состојба.

Веднаш е започнато следење на сите лица кои можеле да бидат во контакт со заразениот лекар, а воведен е и посебен систем за надзор на хуманитарните работници кои се враќаат од погодените региони. Тековната епидемија е предизвикана од реткиот сој на вирусот Бундибугио, за кој во моментов не постои одобрена вакцина. Вирусот се пренесува преку телесни течности, поради што здравствените работници се меѓу најризичните категории.

Според податоците на СЗО, од 75 заразени здравствени работници во Конго, дури 17 починале. Иако организацијата оценува дека глобалниот ризик од ширење на болеста засега останува низок, апелира за засилување на мерките за контрола и спречување на натамошно ширење на епидемијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс