Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека Соединетите Американски Држави сѐ уште не ги исплатиле заостанатите финансиски обврски, што е неопходен услов за Вашингтон да може да се повлече од оваа агенција на Обединетите нации.
Само неколку часа по враќањето во Белата куќа во јануари 2025 година, претседателот Доналд Трамп потпиша одлука за повлекување на САД од СЗО, а според американските власти, излегувањето стапува на сила од 22 јануари.
„Повлекувањето на САД зависи од два услови: првиот е известување однапред од една година, што е исполнето, а вториот е исплата на заостанатите обврски“, изјави Тедрос на прес-конференција во седиштето на организацијата во Женева. „Се надеваме дека ќе ги исполнат, но засега не сме примиле ништо“, додаде тој. Според податоците на СЗО, САД должат околу 260 милиони долари за периодот 2024–2025 година.
Минатата година, американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот и државниот секретар Марко Рубио ја обвинија организацијата за бројни пропусти за време на пандемијата на ковид-19 и дека делувала спротивно на интересите на САД. Кенеди подоцна тврдеше дека СЗО е под преголемо влијание на Кина, родовата идеологија и фармацевтската индустрија.
Прашањето за повлекувањето на САД ќе биде разгледувано на годишното собрание на СЗО што ќе се одржи од 18 до 23 мај во Женева. Инаку, Соединетите Американски Држави беа најголем донатор на организацијата, а поради финансиските ограничувања СЗО беше принудена да го намали својот буџет за 2026–2027 година од 5,3 на 4,2 милијарди долари и да спроведе голема реорганизација, што вклучува укинување на околу 1.300 работни места ширум светот.