Светска банка во новиот извештај предупредува дека цените на енергијата во 2026 година ќе пораснат за околу 24 отсто, како директна последица од војната во Иран и блокадата на стратешкиот Ормузки теснец. Ова се смета за најголем скок на цените на енергијата од руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Според анализата, глобалните пазари на суровини се соочуваат со силна нестабилност, а цената на нафтата веќе надминува 100 долари по барел. Ова дополнително ги зголемува трошоците за гас, гориво и електрична енергија ширум светот.
Експертите предупредуваат дека продолжената геополитичка нестабилност може да доведе до повисока инфлација, забавување на економскиот раст и дополнителен притисок врз земјите во развој. Светска банка апелира владите да преземат таргетирани мерки за заштита на најранливите категории граѓани.