Светска банка предупредува: Цените на енергијата ќе скокнат за 24%

Светската банка предупредува на раст на цените на енергијата за 24% во 2026 година, со можни последици врз храната, металите и глобалната економија поради геополитичките тензии.

Цените на енергијата оваа година ќе пораснат за 24 проценти и ќе достигнат највисоко ниво од 2022 година и почетокот на војната во Украина, поради силни шокови што ги потресуваат глобалните пазари на суровини како резултат на конфликтите на Блискиот Исток, наведува Светска банка во најновата прогноза.

Вкупните цени на суровините ќе се зголемат за околу 16 проценти, при што најголем раст се очекува кај енергијата и вештачките ѓубрива, како и рекордни вредности кај одредени стратешки метали. Нападите врз енергетската инфраструктура и нарушувањата во поморскиот транспорт во Хормушки теснец, низ кој минува околу 35 проценти од светската нафта што се транспортира по море, предизвикаа најголем шок во снабдувањето со нафта откако се следат податоците.

Во вакви услови, просечната цена на нафтата тип Брент на лондонскиот пазар би можела да достигне 86 долари по барел, во споредба со просечните 69 долари во 2025 година. Прогнозата се темели на претпоставката дека најголемите нарушувања ќе завршат до мај и дека испораките низ Хормушкиот теснец постепено ќе се нормализираат до октомври.

Сепак, сериозни последици се очекуваат и во земјоделството. Цените на вештачките ѓубрива во 2026 година би можеле да пораснат за 31 процент, предводени од скок од 60 проценти кај уреата. Ова ќе ја намали достапноста на ѓубривата на најниско ниво од 2022 година, што значи помали приходи за земјоделците и ризик за идните приноси. Според податоци на Светска програма за храна, продолжување на конфликтите може да зголеми за 45 милиони бројот на луѓе погодени од акутна несигурност во снабдувањето со храна.

Во меѓувреме, цените на основните метали како алуминиум, бакар и калај исто така ќе достигнат рекордни нивоа, поттикнати од силната индустриска побарувачка, особено од секторите како дата-центри, електрични возила и обновливи извори на енергија. Поради геополитичката нестабилност, се очекува раст и на побарувачката за „сигурни“ инвестиции, што дополнително ќе ги зголеми цените на благородните метали, со очекуван скок од 42 проценти во 2026 година.

Светска банка предупредува дека ситуацијата може дополнително да се влоши доколку конфликтите ескалираат или ако нарушувањата во снабдувањето траат подолго од очекуваното. Во таков сценарио, цената на нафтата би можела да достигне и до 115 долари по барел, што би предизвикало домино ефект врз цените на ѓубривата и алтернативните извори на енергија.


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни