Цените на енергенсите годинава може да пораснат за 24 проценти поради војната во Иран и блокадата на Ормускиот Теснец, предупредува Светската банка во најновиот извештај „Преглед на пазарите на суровини“.
Според анализата, глобалните пазари се соочуваат со најголема нестабилност во последните четири години, а вкупните цени на суровините би можеле да пораснат за 16 проценти во текот на 2026 година.
Главен фактор е нарушеното снабдување со нафта, при што глобалното производство е намалено за повеќе од 10 милиони барели дневно.
Иако дел од цените се стабилизирале по почетниот шок, долгорочните последици од нападите врз инфраструктурата и тесните грла во Ормускиот Теснец ќе ги задржат трошоците високи и во наредниот период.
„Владите треба да избегнуваат широки и нецелни фискални мерки кои можат дополнително да ги нарушат пазарите, туку да се фокусираат на привремена поддршка за најранливите домаќинства“, изјави заменик-главниот економист на Светската банка, Ајхан Косе.
Ормускиот Теснец, преку кој се транспортира околу 20 проценти од светската нафта, е клучната точка на кризата. Поради воените дејства, поморскиот сообраќај е сериозно нарушен, што директно влијае врз глобалните цени.
Светската банка прогнозира дека просечната цена на нафтата „брент“ во 2026 година ќе достигне 86 долари за барел, што е значително зголемување во однос на просекот од 69 долари во 2025 година. Во моментов, цените веќе ја надминуваат границата од 100 долари.
Дополнителен притисок создава и одлуката на Обединетите Арапски Емирати да го напуштат форматот ОПЕК+, што отвора прашања за идната координација меѓу големите производители.
Европската Унија, според податоците, веќе потрошила повеќе од 27 милијарди евра за дополнителен увоз на енергенси од почетокот на конфликтот, додека Меѓународната агенција за енергија ја оценува ситуацијата како најголема закана за енергетската безбедност досега.
Порастот на цените веќе има ефект врз глобалната економија. Меѓународниот монетарен фонд ја намали прогнозата за глобален раст во 2026 година на 3,1 процент, а за еврозоната на 1,1 процент. Во исто време, инфлацијата е ревидирана нагоре на 4,4 проценти.
Светската банка предупредува дека, доколку кризата продолжи и во 2027 година, глобалниот раст може да падне и на 2 проценти.
Анализата покажува дека геополитичките шокови имаат двојно поголемо влијание врз цените на нафтата отколку во стабилни периоди. Намалување на производството за само 1 процент може да предизвика раст на цените од 11,5 проценти, а ефектите се прелеваат и врз гасот и ѓубривата.
Тоа значи дека, дури и ако конфликтот наскоро заврши, инфлаторниот притисок може да продолжи да се чувствува и во следната година.