Додека светските лидери на климатската конференција КОП31 во Турција зборуваат за здравјето и климатските промени, истражувачите од Универзитетот Кембриџ објавија пресметка што звучи како сериозно предупредување. Доколку државите го намалат загадувањето со ситни суспендирани честички ПМ2,5 до нивото што го препорачува Светската здравствена организација (СЗО), секоја година би можеле да се спречат 9,4 милиони смртни случаи. Дополнително, уште околу 1,1 милион смртни случаи би можеле да се спречат или одложат со намалување на концентрациите на азотниот диоксид.
Студијата опфаќа 136 земји, во кои просечната годишна концентрација на ПМ2,5 изнесува 30,44 микрограми на кубен метар. Тоа е повеќе од шестпати над препорачаната граница од пет микрограми, утврдена од СЗО во 2021 година. Станува збор за светски просек во кој се вклучени и најзагадените градови во Азија и Африка. Македонија не отстапува од оваа загрижувачка слика. Според проценките на Европската агенција за животна средина, изложеноста на населението кај нас изнесувала 34,6 микрограми на кубен метар, што е значително над светскиот просек.
Бројките за смртните случаи се разликуваат зависно од методологијата и изворот, но ниту една не остава простор за утеха. Европската агенција за животна средина проценила дека загадениот воздух предизвикува околу 3.400 предвремени смртни случаи годишно во Македонија. Светска банка, преку својот директор Масимилијано Паолучи, пред две години соопшти дека од последиците на загадувањето умираат околу 2.800 граѓани годишно. Тоа се повеќе од седум луѓе секој ден. Институтот за јавно здравје, пак, во својот извештај наведува дека речиси 18 отсто од вкупната смртност во државата може да се поврзе со високите концентрации на ПМ2,5. Со други зборови, загадениот воздух е значаен фактор што придонесува за развојот и влошувањето на болестите од кои умираат граѓаните.
Особено загрижувачки се последиците врз најмалите. Според УНИЦЕФ, 11,6 отсто од смртните случаи кај бебињата до една година во Македонија се поврзани со загадениот воздух. Тоа е приближно секое деветто бебе. Студијата од Кембриџ предупредува дека најголема корист од почистиот воздух би имале земјите со ниски и средни приходи, каде што урбанизацијата, економскиот раст и зголемениот број автомобили придонесуваат за дополнително загадување. Опис што во голема мера одговара и на состојбите во Скопје, Тетово и Битола.
Истражувањето од Кембриџ не ги пресметува само смртните случаи, туку и болестите што би можеле да се спречат со подобар квалитет на воздухот. Според проценките, годишно би имало 7,3 милиони помалку случаи на коронарна срцева болест, 2,3 милиони помалку мозочни удари, 2,8 милиони помалку случаи на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) и 1,1 милион помалку случаи на деменција.

Овие последици не се апстрактни ниту за Македонија. Домашен научен труд проценил дека достигнувањето на граничните вредности на Европската Унија, кои се помалку строги од препораките на СЗО, би можело да го намали товарот од болести поврзани со загадувањето за 41 до 42 отсто во Скопскиот Регион и за дури 74 до 77 отсто во Тетово. Според студија на Обединетите нации од 2019 година, загадувањето на воздухот е поврзано со 19 отсто од предвремените смртни случаи во Тетово, што е највисок удел меѓу 19 анализирани балкански градови.
Државните мерни станици секоја зима ја потврдуваат истата слика. Европските прописи дозволуваат дневната гранична вредност од 50 микрограми ПМ10 да биде надмината најмногу 35 дена во годината. Според месечните извештаи на Министерството за животна средина, во 2025 година на одделни мерни станици во Скопје до средината на ноември веќе биле регистрирани по околу 80 дена со надминување на оваа вредност. Во март годинава, една од станиците регистрирала 53 дена со надминување, што е повеќе од дозволениот годишен број за само три месеци. Во претходни периоди, во екстремни епизоди на загадување, во Лисиче биле измерени и концентрации од околу 700 микрограми ПМ10 на кубен метар.
Главните извори на загадување се познати со години. Домашното греење учествува со 46 отсто во емисиите на ПМ10, индустријата со 22 отсто, а производството на енергија со 11 отсто. Познати се и последиците од недоволните мерки. Според проценките на истражувачите од Кембриџ, исполнувањето на препораките на СЗО би донело општествена корист од 8,4 трилиони меѓународни долари годишно, односно околу 10,7 отсто од вкупниот бруто-домашен производ на анализираните 136 земји. Покрај спасените животи, тоа би значело и помал товар врз здравствените системи, помалку хоспитализации и помали трошоци за лекување.
Македонија секоја зима ја плаќа цената на загадувањето преку зголемен број пациенти, притисок врз здравствените установи и нарушено секојдневие на граѓаните. Училишта и градинки се соочуваат со препораки за ограничување на активностите на отворено, граѓаните повторно носат маски, а протестите против загадувањето стануваат дел од зимската реалност. Меѓутоа, конкретните и долгорочни решенија сè уште не се спроведуваат со темпото што го бара сериозноста на проблемот.
Додека во светот се пресметува колку животи би можеле да се спасат со почист воздух, кај нас секоја нова зима носи исто прашање: колку уште животи ќе бидат загубени пред квалитетот на воздухот да стане вистински државен приоритет?
