Технологијата постојано е во подем, а принципот на градење преку 3Д печатење од ден на ден станува се пореален. По тој терк, дизајнерот Јозеф Форакис го претстави првиот концепт на супер јахта на иднината и ја нарече Pegasus. Според проекциите јахтата ќе биде со должина од 88 метри, а од страните ќе има рефлектирачки т.н соларни крила од кои ќе се напојува со енергија. На тој начин нема да се емитуваат штетни гасови и ќе се постигне ефект на визуелна бесконечност.

Дизајнерот идејата за ваквиот вид на јахта на иднината ја добил по инспирација од плажите на островот Кофониси, Грција. Неговата цел е да создаде јахта која ќе се претопува во боите на морето и природата. Со таквиот дизаин е замислено таа да наликува на облак кој лебди над површината на водата. Преку рефлектирачките соларни панели се очекува таа да биде визуелно невидлива за околината. Сепак јахтата се одликува со сребрена метална боја на рабовите. Со тоа дополнително јахтата ќе се вклопува како камелеон со боите и движењата на водата.

Форакис и неговиот тим сакаат преку напредни технологии, но и веќе постоечки кои се во развој да создадат пловило кое само по себе ќе биде одржливо. Покрај надворешниот изглед тие се фокусираат и на ентериерот. Во центарот на внатрешноста на јахтата е предвидено да се наоѓа т.н „Дрвото на животот“ и тоа на повеќе нивоа. Тоа подразбира на ѕидовите да има делови со жив мов и растенија кои ќе ја доближат природата до патниците, но и ќе им овозможуваат свеж и чист воздух. Покрај тоа во јадрото на јахтата ќе има и специјализирана градина што ќе произведува свежи овошја и зеленчуци. За покомотна прошетка низ јахтата која ќе се протега на четри нивоа во средината ќе има ротирачки скали, своевидна симболика на т.н „Дрвото на животот“.

Сите оние кои ќе имаат можност да се качат на јахтата ќе уживаат и во базенот, на долната палуба, кој ќе има рефлектирачки ефекти.
Повеќе фотографии:




