Пресудата против поранешните лидери на ОВК претставува болно прашање за Швајцарија, бидејќи ја открива некогашната тесна соработка и поддршка што официјален Берн ја пружеше на Хашим Тачи, изјави дописникот на швајцарскиот јавен сервис SRF, Петер Балцли. Во анализата се истакнува дека пресудата ја потврдува реалноста на воените злосторства, но и дека дополнително ги длабочи поделбите меѓу заедниците.
Швајцарската државна телевизија SRF во централната информативна емисија Тагесхау ја издвои пресудата како водечка тема, со критички осврт кон улогата што ја имаше земјата во периодот на косовскиот конфликт. Допсникот Петер Балцли посочи дека некогашната министерка за надворешни работи Мишлин Калми-Ре и тогашните власти водеа политика која цврсто ја поддржуваше независноста на Косово, со што Берн практично соработувал со луѓе кои денес се осудени за воени злосторства.
Според оценките од прилогот, Швајцарија во тоа време служеше како важно логистичко чвориште, додека тогашните власти свесно или несвесно ги игнорираа извештаите за злосторствата. Балцли нагласува дека ваквиот развој на настаните нанесува штета на меѓународниот имиџ на неутралната држава.
Во извештајот на SRF посебно е нагласена улогата на поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал Карла дел Понте и поранешниот известувач на Советот на Европа Дик Марти. Нивните долгогодишни истраги и извештајот од 2010 година, кои беа предмет на остри критики во минатото, со оваа пресуда добиваат целосна потврда и институционална реабилитација.
Сепак, од швајцарскиот јавен сервис предупредуваат дека пресудата тешко може да доведе до меѓусебно помирување. Истражувањата покажуваат дека мнозинството косовски Албанци ја отфрлаат работата на Специјализираните веќиња и Тачи го сметаат за херој, додека српската малцинска заедница во судската одлука гледа задоцнета потврда на своите долгогодишни ставови. На тој начин, наместо градење мостови, пресудата само ги зацврстува постоечките и спротивставени наративи на двете страни.