Крит под опсада на пламенот: Повеќе од 7.000 луѓе евакуирани од грчкиот остров

Пожарите го зафатија и источниот Медитеран, додека во Франција и Шпанија ситуацијата постепено се стабилизира.

Шумските пожари во Европа се поместуваат кон источниот дел на континентот. Повеќе од 7.000 жители и туристи се евакуирани од островот Крит, каде што двајца пожарникари го загубија животот. Додека во Грција ситуацијата е критична, Шпанија ја укина вонредната состојба, а во Франција е забележано смирување на главните жаришта по неколкудневна борба со огнот.

Заменик-гувернерката на регионот Ретимно, Марија Лиони, соопшти дека властите беа принудени да го евакуираат градот Агиа Галини, кој брои меѓу седум и осум илјади жители, заедно со неколку околни села.

Во туристичките места Агиос Павлос, Лигрес и Триопетра, евакуацијата се одвиваше по морски пат. Копнените патишта беа целосно блокирани од огнот, што оневозможи пристап за автобусите. На островот веќе се потврдени два смртни случаи на пожарникари кои учествуваа во гаснењето на пламенот.

Во Франција пикот на кризата помина, но надлежните служби остануваат во висока подготвеност. Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез потврди дека се регистрирани 26 нови пожари кои се разгореа со голема брзина.

Вкупната изгорена површина во Франција достигна 117.000 хектари. Меѓу повеќе од 220.000 евакуирани граѓани во јужниот департман Вар е и актерот Џорџ Клуни со своето семејство, кои мораа да го напуштат имотот во Брињол откако пожарот се приближи до населените места.

Шпанскиот премиер Педро Санчез го објави завршувањето на националната вонредна состојба за покраината Авила и регионот на Мадрид. Управувањето со преостанатите жаришта е спуштено на второ ниво и премина во надлежност на регионалните власти на Кастиља и Леон.

Борбата со огнот се прошири и на северот. Во британскиот округ Сафолк, околу 90 пожарникари интервенираа на крајбрежниот простор Данвич Хит, каде што пожарот зафати површина колку 140 фудбалски игралишта. Евакуирани се околу 200 камп-приколки и повеќе куќи, а властите соопштија дека блиската нуклеарна централа Сајзвел Б засега не е загрозена.

Истражување предводено од Универзитетот во Гронинген, објавено во списанието Scientific Reports, покажува дека бројот на летни денови со поволни услови за пожари е повеќе од удвоен во последните 45 години на Пиринејскиот Полуостров, во Франција, Италија и Грција.

Студијата базирана на податоци од 1981 до 2025 година укажува дека екстремните временски услови, високи температури, суша и силен ветар, се зачестени поради климатските осцилации како Ел Нињо. И покрај тоа што вкупниот годишен број на пожари е намален за околу 40 отсто во споредба со периодот 1981–2010 година благодарение на подобрата превенција, пожарите што избувнуваат се значително поинтензивни и надминуваат стандардните капацитети за справување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс