Одложено судењето за нападот врз Сара, ново рочиште на 1 декември

Одбраната побара изземање на сите обвинители од охридското обвинителство. Обвинетиот беше во притворското одделение на судот и не влезе во судницата.

Судењето за нападот врз 26-годишната Сара во Охрид беше одложено на првото рочиште, откако одбраната на обвинетиот Кристијан Корабоски побара изземање на обвинителот што го застапува предметот и на сите други обвинители од Основното јавно обвинителство во Охрид. Следното рочиште е закажано за вторник, 1 декември.

Сара присуствуваше на рочиштето со својот адвокат Ѓоко Шаин. Корабоски бил во притворското одделение на судот, каде што останал за време на рочиштето.

Барањето за изземање на обвинителите било поднесено непосредно пред почетокот на расправата. За него треба да одлучи повисокиот јавен обвинител. Дотогаш, според кажаното на рочиштето, обвинителите од ОЈО Охрид не можат да постапуваат по предметот.

Одбраната побарала изземање и на судијката Александра Поп Стефанија и судијата Милчо Клишески. Двете барања се одбиени. За барањето за изземање на претседателот на Основниот суд во Охрид, Бојан Мартиноски, треба да се произнесе Апелацискиот суд во Битола.

Шаин по рочиштето оцени дека со барањата на одбраната се одолговлекува постапката. Тој рече дека инсистирале Сара да присуствува и да даде исказ за настанот.

Обвинението опфаќа три кривични дела

Охридското обвинителство го поднесе обвинението на 16 ноември, еден ден по настанот. Корабоски е обвинет за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Според обвинителството, делата се извршени при семејно насилство.


Во текот на постапката обвинителството прибрало медицинска документација, вештачења за повредите и видеоснимки. Паралелно со судскиот процес, внатрешната контрола на МВР проверува дали имало пропусти при првичната полициска интервенција

е-Трн да боцка во твојот инбокс