Националната мрежа против насилство бара итна заштита и институционална одговорност по случајот со малолетно дете во Скопје

Од мрежата нагласуваат дека прв приоритет е безбедноста и закрепнувањето на детето, посочувајќи на системски слабости и три конкретни чекори.

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство изрази длабока загриженост по објавените информации за сексуално насилство врз малолетно дете од установа за згрижување во Скопје, оценувајќи дека случајот ги отвора прашањата за институционалната одговорност и ефикасноста на системот за заштита.

Од мрежата нагласуваат дека прв приоритет е безбедноста и закрепнувањето на детето, при што се бара итно обезбедување безбедно сместување, здравствена, психолошка и правна поддршка, со целосна заштита на неговиот идентитет и без непотребно повторување на исказот. Оттаму додаваат и дека од полицијата и обвинителството се очекува брзо и темелно утврдување на фактите.

„Кога државата презема грижа за едно дете, таа презема одговорност и за неговата безбедност. Превенцијата почнува со тоа секое дете да има возрасен на кого му верува, да знае каде може безбедно да пријави насилство и да добие помош веднаш штом се појави ризик“, порачуваат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Во соопштението се посочува и на системските слабости, повикувајќи се на наодите на Државниот завод за ревизија за недостиг од кадар во центрите за социјална работа и на препораките на ГРЕВИО за соодветна географска распределба на специјализираните услуги.


Поради тоа, од институциите се бараат три конкретни чекори: проверка на институционалното постапување и утврдување кога службите дознале дека детето се оддалечило и какви мерки презеле; воспоставување редовна превенција со доверлив механизам за пријавување и јасни надлежности; како и план со рокови и буџет за регионално достапни и стабилно финансирани сервиси приспособени на возраста на децата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс