Завршните зборови во судењето против родителите на момчето од „Рибникар“ ќе бидат отворени за јавноста

Вишиот суд во Белград одлучи завршните зборови во повтореното судење против Владимир и Милјана Кецмановиќ, родителите на момчето од „Рибникар“, да бидат отворени за јавноста.

Судскиот совет на Вишиот суд во Белград одлучи завршните зборови пред пресудата во повтореното судење против Владимир и Милјана Кецмановиќ да бидат отворени за јавноста.

Досегашниот дел од судскиот процес се одвиваше зад затворени врати, со образложение дека треба да се заштитат малолетниците вклучени во постапката.

На родителите на момчето кое го изврши масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ им се суди повторно, откако Апелациониот суд во Белград ја поништи првостепената пресуда поради суштински повреди на постапката.

Со поништената пресуда, Владимир Кецмановиќ беше осуден на 14,5 години затвор, додека Милјана Кецмановиќ беше осудена на три години затвор. Потврден остана само делот со кој Милјана беше ослободена од обвинението за поседување оружје.

На повтореното судење повторно сведочеше и момчето кое го изврши масакрот. Тој изјавил дека стои зад претходно дадените искази, но овој пат рекол дека неговите родители „не се одговорни“ за тоа што го направил на 3 мај, наведувајќи дека сега тоа го разбира бидејќи „созреал и пораснал“.

Според медиумите, тој пред судот зборувал и за оружјето, за односот со родителите и за неговите претходни интересирања за психопатско однесување.

Владимир Кецмановиќ е обвинет за тешки дела против јавната безбедност. Обвинителството го товари дека го обучувал својот син да ракува со воздушно и огнено оружје и муниција во периодот од една година пред трагедијата.

Милјана Кецмановиќ е обвинета за занемарување и злоупотреба на дете.

Во истиот предмет беше опфатен и инструкторот од стрелиштето каде што момчето било обучувано да ракува со оружје. Дел од претходната пресуда за него исто така беше поништена, а Апелациониот суд одлучи Немања Маринковиќ да биде осуден на една година затвор што ќе ја издржува во домашни услови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс