Србија утре избира нов парламент: Ќе има ли промена во власта по 14 години?

Гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 20 часот. На изборите учествува и Студентската листа, произлезена од протестното движење.

Во Србија утре, 25 октомври, ќе се одржат вонредни парламентарни избори на кои граѓаните ќе го избираат новиот состав на Народното собрание. За пратеничките места се натпреваруваат 18 изборни листи со вкупно 2.418 кандидати.

Според конечните податоци на Републичката изборна комисија, право на глас имаат 6.451.292 избирачи. Гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 20 часот.

Парламентарни избори во Србија по студентските протести

Покрај партиите и коалициите, на гласачкото ливче е и „Студентска листа – Студентите победуваат“, поддржана од дел од опозицијата. Нејзиното учество следува по повеќемесечните барања на студентите во блокада за распишување избори.

Студентското движење се разви по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 луѓе. Барањата за одговорност и борба против корупцијата прераснаа во политички предизвик за Српската напредна партија, која е на власт од 2012 година.

Изборен молк до затворањето на гласачките места

Во земјата трае изборен молк, кој започна на полноќ меѓу четврток и петок и ќе заврши утре во 20 часот.

Во овој период е забрането претставување кандидати и програми во медиумите и на јавни собири, повикување да се гласа или да не се гласа за одредена листа, како и објавување процени за изборните резултати.


Граѓаните избираат 250 пратеници. Распределбата на мандатите ќе покаже кои политички сили ќе можат да обезбедат мнозинство за избор на нова влада.

е-Трн да боцка во твојот инбокс