Судскиот процес за трагичниот пожар во клубот „Пулс” во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, утре влегува во нова фаза. Рочиштето ќе се одржи во судницата во Идризово.
Јавното обвинителство најавува дека на наредното судење се очекува да биде завршено сослушувањето на сведоците од обвинителската страна, по што ќе се пристапи кон презентирање на материјалните докази. Предвидено е уште тројца оштетени да се обратат пред судот, иако нивното присуство не е загарантирано. Доколку не се pojават, ќе бидат прочитани нивните претходно дадени изјави.
Новата фаза на доказната постапка ќе започне со обдукциските наоди подготвени од Институтот за судска медицина при Медицинскиот факултет во Скопје. Преку овие докази се очекува да се расветлат клучните прашања за причините за смртта на жртвите, меѓу кои и можното присуство на отровни гасови, вклучително водороден цијанид. Сите релевантни анализи се веќе завршени и ќе бидат образложени од страна на вештите лица.
Во текот на постапката ќе бидат разгледани и видеоматеријали, при што ќе се прикажуваат само одбрани сегменти поврзани со обвинителниот акт. Дел од рочиштата евентуално ќе се одржат без присуство на јавноста, доколку судот процени дека содржините се чувствителни за достоинството на жртвите.
Пожарот во „Пулс” избувна на 16 март 2025 година за време на музички настап и е една од најтешките трагедии во новата историја на Македонија. На обвиничката клупа се наоѓаат 35 физички и три правни лица, кои на почетокот на процесот се изјаснија дека не се сметаат за виновни.