Во близина на селото Бјалошливие во западно-централна Полска се случи судир меѓу два воза, при што се пријавени повредени лица, соопштуваат локалните медиуми и агенцијата Ројтерс. Според првичните информации, на местото на несреќата веднаш се упатени голем број спасувачки екипи, вклучително и 16 противпожарни тимови кои учествуваат во акцијата за обезбедување и помош.
Локалниот портал TVP Познан јави дека во несреќата се повредени најмалку две лица. Засега нема официјални податоци за нивната состојба. Во првите извештаи се наведуваше дека станува збор за судир меѓу патнички и товарен воз, но подоцнежни снимки на телевизијата TVN24 покажуваат дека веројатно се работи за два патнички воза.
На дел од снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат искочени вагони од шините и патници кои стојат покрај пругата, додека спасувачките служби работат на терен. Причините за несреќата засега не се познати, а истрагата е во тек.