Студентски филмови и разговор со авторите вечерва во КОТУР

Вечерва во КОТУР ќе бидат прикажани кратки студентски филмови од млади македонски автори во рамки на платформата „ХАЈ-ФАЈ“. По проекциите е предвидена средба со дел од режисерите, како и музичка програма што го најавува осмото издание на фестивалот „Ѕирни“.

Љубителите на филмот вечерва од 19 часот во Кафе и филм КОТУР ќе имаат можност да проследат проекции на македонски кратки студентски филмови, во рамки на соработката меѓу фестивалот „Ѕирни“ и студентската филмска платформа „ХАЈ-ФАЈ“. Настанот воедно го означува и почетокот на третото издание на платформата „ХАЈ-ФАЈ“, која е посветена на промоција на младите филмски автори.

Публиката ќе може да погледне 13 студентски филмови од млади режисери, меѓу кои „Сведоци“ на Јана Голабоска, „Небото не е граница“ на Бојана Миовска, „Каде одиш Јан“ на Леона Јариќ, „Delmo“ на Мартин Темков, „Борби со ветерници“ на Борјан Гаговски, „Делузија“ на Марија Петреска и други остварувања што ги претставуваат новите генерации македонски филмски автори.

По проекциите ќе следува сесија на прашања и одговори со дел од авторите, што ќе им овозможи на посетителите директно да разговараат за процесот на создавање на филмовите, инспирацијата и предизвиците со кои се соочуваат младите режисери. Вечерта ќе заврши со музичка програма и диџеј сет на Љубен Дерибан.

Настанот е дел од серијата промотивни активности што го најавуваат осмото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“, кој годинава ќе се одржи од 28 септември до 5 октомври на повеќе локации, вклучително и КОТУР.

Организаторите информираат дека повикот за пријавување филмови за фестивалот е отворен до 31 август 2026 година. Осмото издание на фестивалот се реализира во рамки на проектот „Култура за развој“, поддржан од Владата на Швајцарија, а имплементиран од Хартефакт Фонд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс