Турски суд го осуди поранешниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, на 25 месеци затвор и забрана за политичка активност, под обвинение за прекршување на изборните закони за време на партискиот конгрес во 2023 година. Покрај Имамоглу, за истото дело на по 25 месеци затвор, забрана за учество во политичкиот живот и одземање на политичките права беа осудени уште девет лица.
Пресудата се однесува на наводни неправилности за време на гласањето на конгресот на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), чиј член е Имамоглу. Тој и останатите осудени се обвинети за купување гласови, со што, според обвинението, го прекршиле турското изборно законодавство.
Оваа пресуда е дополнување на претходните затворски казни на Имамоглу, кои вкупно изнесуваат шест години и три месеци. Тие се однесуваат на обвиненија за навреда на членовите на Изборната комисија, навреда и закана кон главниот обвинител на Истанбул, како и клевета на поранешен градоначалник на Истанбул.
Покрај тоа, во март започна и судски процес против него за корупција, во кој се обвинети уште повеќе од 400 лица. Теоретски, Имамоглу би можел да се соочи со затворска казна до 2.000 години.
Уапсен пред претседателските избори
Имамоглу беше уапсен во март минатата година, кратко откако беше најавен како потенцијален претседателски кандидат на опозицијата и противкандидат на актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган на изборите во 2028 година. Неговите поддржувачи и повеќе организации за човекови права тврдат дека случајот е политички мотивиран и дека целта е отстранување на еден од најсилните опозициски политичари од политичката сцена.
Случајот започна со одлуката на Апелацискиот суд, кој го прогласи конгресот на ЦХП за неважечки и го поништи изборот на партискиот лидер Озгур Озел. Во меѓувреме, Озел, заедно со 91 пратеник, ја напушти ЦХП и ја основаше Новата партија (Јени), која сега е најголемата опозициска партија во турскиот парламент.
