Студентските домови со нови цени: „Стив Наумов“ 6.600 денари, другите 3.410 денари

МОН го објави конкурсот за студентски домови за академската 2026/2027 година. Во реконструираниот „Стив Наумов“ студентите ќе плаќаат 6.600 денари, а во другите домови 3.410 денари.

Министерството за образование и наука го објави конкурсот за прием на студенти на додипломски студии во државните и приватните студентски домови за академската 2026/2027 година.

Конкурсот е објавен на 15 јули 2026 година и ќе трае до 31 јули. Овој рок важи за студентите кои се втора година или повисоко, додека за идните бруцоши конкурсот ќе биде објавен на 14 септември 2026 година.

Во новата академска година ќе бидат достапни вкупно девет државни и приватни објекти за сместување студенти.

Кои студентски домови ќе бидат достапни?

Од државните домови, студентите ќе можат да конкурираат за сместување во ДСД Скопје „Гоце Делчев“, новиот реконструиран дом „Стив Наумов“, бараките „Стив Наумов“, ДСД „Кочо Рацин“ во Битола и ДСД Тетово.

Достапни ќе бидат и приватниот студентски дом „Хилјадников“ во Штип, како и приватниот студентски дом „Логос“.

Студентите во Охрид, наместо во ДСД „Никола Карев“, кој е затворен поради реконструкција и реновирање, ќе имаат можност да бидат сместени во одморалиштето на МВР во Охрид.

Во Штип, пак, наместо државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“, кој исто така е затворен поради реконструкција, студентите ќе можат да бидат сместени во поранешниот приватен студентски дом „ОАЗА“.

Најголем сместувачки капацитет имаат студентскиот дом „Гоце Делчев“ со 1.216 легла и реконструираниот „Стив Наумов“ со 1.014 легла.

Различни цени за различни типови домови

Според конкурсот на МОН, студентите сместени во државен студентски дом од Тип 1, односно во реконструираниот „Стив Наумов“, ќе плаќаат 6.600 денари месечно.

Министерството ќе субвенционира 40 проценти, односно 4.400 денари од вкупната цена од 11.000 денари.

За студентите сместени во домовите од Тип 2, како и во приватните студентски домови со кои Министерството има склучено договор, студентите ќе плаќаат 3.410 денари, додека МОН ќе покрива 50 проценти од вкупната цена од 6.820 денари.

Поделбата на студентските домови на Тип 1 и Тип 2 беше воведена со новиот Закон за студентски стандард, донесен во мај годинава по скратена постапка. Неполни два месеци подоцна, во јули, во Собранието беа предложени нови измени на законот.

МОН: Цената не била променета повеќе од две децении

Телма се обрати до МОН во врска со разликата во цените за сместување во студентските домови.

Од Министерството одговорија дека партиципацијата која студентите досега ја плаќале за сместување изнесувала 3.400 денари месечно и дека таа цена не била променета повеќе од две децении.

Од МОН велат дека во тој период драстично се промениле цените на дериватите, струјата, водата и другите режиски трошоци.

„Домовите функционираа по неодржлив модел на финансирање, кој всушност ги доведе во состојба каква што се сè уште дел од нив. Многу трошоци, а недоволно средства ниту за исплата на плати на вработените, со оглед дека од партиципацијата се исплаќаа плати“, стои во одговорот на МОН до Телма.

Од Министерството додаваат дека и Државниот завод за ревизија во ревизорските извештаи неколку години укажувал на потреба од промена на моделот на финансирање и промена на цените.

Платите ќе ги преземе МОН

Од МОН најавуваат дека платите на вработените во студентските домови ќе се исплаќаат од буџетот на Министерството, со што, како што велат, ќе се намали товарот врз партиципацијата што ја плаќаат студентите.

„Одлучивме да ги категоризираме домовите – два модела. Модерни и нереновирани. Цената во вторите е останата иста – тоа е СД Гоце Делчев, каде условите се сосема пристојни. Цената во модерните – тоа е Стив и наскоро Кузман, се зголемува за нешто над 3000 денари. И потенцираме – тоа се средства кои остануваат исклучиво за подобри услови во домовите“, наведуваат од МОН.

Од Министерството тврдат дека е груба манипулација поделбата на домови за „сиромашни“ и за „богати“, особено во услови кога државата спроведува проект за целосна реконструкција на студентските домови.

Јаневска претходно ги демантираше наводите за поскапување

Министерката за образование и наука Весна Јаневска претходно преку објава на Facebook ги демантираше наводите поврзани со надоместокот што го плаќаат студентите во домовите.

„Манипулации се и информациите во врска со надоместокот кој го плаќаат студентите за сместување во студентските домови. Во ниту еден член во предлог законските измени не е наведена партиципацијата која ќе ја плаќаат студентите, за да се прејудицира дека таа ќе биде поголема од постојната. И партиципацијата, како и студентските стипендии се утврдува на годишно ниво со Програмата“, стои во објавата на Јаневска од 19 мај 2026 година.

Во дополнителните измени на Законот за студентски стандард е предвидена и старосна граница за сместување во студентските домови, според која студентите не треба да бидат постари од 30 години.

Измените предвидуваат и дисциплински постапки за студентите кои ќе ги прекршат правилата за домување. Како потешки повреди се наведени внесување и употреба на алкохол и наркотични средства, неплаќање на трошоците за сместување, предизвикување материјална штета и поттикнување национална или расна нетрпеливост.

За реконструкција обезбедени 86 милиони евра

Минатата недела министерката Јаневска, заедно со еврокомесарката Марта Кос и вицепремиерот Беким Сали, го посетија реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“.

Јаневска тогаш информираше дека преку Германската развојна банка и Регионалниот центар за енергетска ефикасност се обезбедени 86 милиони евра за реконструкција на девет студентски домови и седум ресурсни центри за ученици со посебни образовни потреби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс