ВИДЕО: Со извици „пумпај“ и аплаузи почна студентската изборна тура низ Србија

Граѓаните на Вршац и Ваљево ги пречекаа колоните на два тркала, кои со директни разговори бараат поддршка за вонредните избори.

Студентите кандидати за претстојните вонредни парламентарни избори во Србија ја почнаа десетдневната велосипедска обиколка на земјата. Првите две колони на велосипедисти попладнево пристигнаа на своите првични одредишта во Вршац и Ваљево, каде што стотици граѓани ги пречекаа со аплаузи, скандирања и поддршка на улиците. Студентскиот караван има цел директно на терен да ја претстави својата изборна програма пред граѓаните, заобиколувајќи ги стандардните партиски собири.

По извозени 80 километри од Панчево, северната група велосипедисти стигна во Вршац. Секој крак од крстосницата кај основното училиште „Јован Стерија Поповиќ“ беше исполнет со граѓани што ги дочекаа со извиците „пумпај“ и „студентите победуваат“.

Владимир Ристиќ, кандидат од Студентската листа, изјави дека поддршката ја почувствувале уште на отворен пат. Возачите ги поздравувале со свирежи и мавтање по целата рута низ Банат. Студентите ноќта ќе ја поминат во Вршац, каде што најавија непосредни разговори со локалните жители, а веќе следното утро продолжуваат кон Зрењанин.

Паралелно со северниот правец, втората студентска колона попладнево влезе во Ваљево, каде што граѓаните приредија еднакво масовен и бучен пречек. Двете одвоени колони возат по различни регионални правци низ Србија со план да поминат десетици населени места во наредните денови.

Финалната точка на оваа теренска кампања е закажана за десеттиот ден од турата. Двете групи велосипедисти треба истовремено да пристигнат во Крагуевац, каде што е планиран заеднички собир и завршна презентација на студентската платформа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс